Одбележувањето на Денот на ослобудувањето на Демир Капија, 7ми Ноември започна со оддавање почит и полагање на свежо цвеќе пред спомениците од паднатите борци за слобода во демиркаписко. Најмладите од општината преку учеството во ликовно музички прерфоманс на тема Демир Капија мојот роден град, кој што се одржа на градскиот плоштад ја збогатија програмата по повод овој значаен ден за Демир Капија. Програмата продолжи во Кралската винарија Марија, каде што пред присутните граѓани, претставници од парламентот, амбасадите и бизнис секторот каде што претседателот на советот на Општина Демир Капија, Ивана Лазова ја водеше Свечената седница по повод овој празник. На свечената седница се обрати грдоначалникот Лазар Петров кој што рече:
„Ми претставува особена чест и задоволство што сме денес сите овде заедно да ја одбележиме годишнината од ослободувањето на Демир Капија. На денешен ден се навршуваат точно 74 години од денот, кога во далечната 1944 година, жителите на Демир Капија ја славеа победата над окупаторот и доаѓањето на слободата. Борбата против фашизмот е најтешкиот период во историјата на нашиот народ и токму поради тоа должни сме да го негуваме споменот и заслугите на генерациите кои допринеле денес да живееме во мир и благосостојба.Извојуваната слобода е бесценето дело на храбриот македонски народ и затоа таа мора да се чува како најголема светост.Секоја година, на денешен ден, се навраќаме назад во минатото за кое говориме со почит и го славиме делото на оние кои бестрашно се бореа и ги положија своите животи за нашата слобода. Овој ден е голем празник за сите нас. Ние кои припаѓаме на помладите генерации сме должни да оставиме белег во времето во кое живееме, но никогаш не смееме да ги заборавиме херојските дела на генерациите пред нас.

Почитувани сограѓани,
Измина една година откако ми ја дадовте Вашата доверба да раководам со општината. За мене тоа беше година исполнета со многу предизвици и одговорности со кои се соочив при превземањето на функцијата.
Со многу труд и напорна работа во текот на изминатата година успеав да ги реализирам следниве активности и проекти:
- Асфалтирање на регионалниот пат до село Клисура во дожина од 1км 
- Асфалтирање на регионалниот пат Демир Капија – Неготино кој минува низ село Бистренци со должина од 3 км 
- Тампонирање на улиците во селата Бистренци и Корешница со вкупна должина од 4 километри 
- Изградба на канализациона мрежа во с.Чифлик во должина од 500 метри

Извршена е набавка на:
-35 поцинковани контењери за комунален отпад. Овие контењери ќе бидат распределени по селата на територијата на општина Демир Капија и во општината.
- 920 пластични канти за комунален отпад кои ќе бидат распределени по селата на територијата на општина Демир Капија и општината.
Во тек е и проект за изградба на нов резервар за вода од 200м3 за водовод во с. Корешница чија цел е обезбедување на почиста вода за пиење на месното население во с. Корешница.
Преку реновирање на кровната конструкција реконструирано е подрачното училиште во с.Корешница. Одобрен е и проект за адаптирање на веќе постоечки простории за детска градинка во с. Корешница чија реализација ќе започне на почетокот од 2019 година.
Одобрен е и проект за изградба на обиколница со кофинансирање од страна на Општина Демир Капија во вредност од 5.000.000,00 денари.
-Проект за изградба на Авантуристички парк Демир Капија кој ќе придонесе за промовирање на општина Демир Капија како туристичка дестинација во регионот за кој веќе е аплицирано и се очекува негово одобрување.

Сметам дека е особено важно да вложуваме во развојот на туризмот и афирмацијата на природните потенцијали и убавини со кои располага нашиот крај.Исто така работиме и во насока на унапредување на спортот во општината. Формиран е нов кајакарски клуб, реактивиран е фудбалскиот клуб „Младост“ од с.Корешница и израмнето е фудбалското игралиште во ова населено место, одново е ставен во функција училишниот спортски клуб „Шампиони“ во чии рамки се организираат редовни тренинзи во ракомет за учениците.Во соработка со Агенцијата за млади и спорт работиме на проект кој предвидува изградба на големо фудбалско игралиште. Финансиски и организациски ја поддржавме реализацијата на бројни спортски настани и фестивали, како што се: интернационалниот OUTDOOR фестивал, меѓународниот натпревар и фестивалот за качување по карпи, турнирот во мал фудбал „Голема Богородица“ и турнирите кои се одржуваат во селата Корешница и Бистренци.
Јас како градоначалник и сите останати вработени во општинската администрација сме должни да работиме чесно и транспарентно. Вие граѓаните имате право да знаете за што се трошат Вашите пари. И не само да знаете, туку и да бидете вклучени во одредувањето на приоритетите на општината при креирањето на општинскиот буџет кој треба да биде скроен по мерка на граѓаните и да нуди решенија за нивните проблеми и реални потреби.За таа цел секој нареден буџет на општината ќе се носи во консултации со формирано работно тело кое ќе биде составено од претставници на граѓаните.
И покрај малиот буџет со кој располага општината со гордост можам да кажам дека за една година успеав да вратам 21.525.000,00 денари од вкупниот постоечки долг, што укажува на тоа дека со одговорно и домаќинско работење и со наменско трошење на финансиските средства со кои општината располага, Демир Капија може да прерасне во место кое ќе биде атрактивно и погодно за живеење. Демир Капија е мало, но прекрасно место , опкружено со природни убавини кои никого не оставиле рамнодушен. Моја задача како градоначалник е да овозможам подобри услови кои ќе привлечат нови инвеститори , што ќе придонесе да се подобри животниот стандард на граѓаните и да се намали трендот на иселување на младите. На младите им е потребна сигурност, стабилни работни места и удобно место за живеење. Во текот на измината година посветивме големо внимание на привлекување на нови инвестиции со цел да се отворат нови работни места. Во таа насока четири големи компании одлучија да инвестираат во нашата општина и истите во 2019 година ќе започнат со работа. Од нив три ќе бидат за одгледување и преработка на марихуана за медицински потреби и една фабрика за природно ѓубриво. Се очекува со реализацијата на овие инвестиции да се отворат минимум 200 нови работни места во нашата општина.
Почитувани сограѓани,
Особено ми е драго и горд сум што раководам со општина во која живеат хумани луѓе, луѓе кои умеат да помогнат и да подадат рака кога тоа е најпотребно. Во текот на изминатата година граѓаните на Демир Капија во неколку наврати учествуваа во големи хуманитарни акции и на тој начин ја покажаа својата солидарност и хуманост на дело. Донираа и си помагаа еден на друг со надеж и верба дека заедно ќе успеат да ги избришат солзите од лицата на семејствата на кои им е потребна помош. Ваквата сплотеност нека остане засекогаш присутна меѓу нас . Само така сплотени и со здружени сили можеме да направиме многу повеќе и да допринесеме нашата мала општина да стане наша гордост.

Нека ни е честит и вековит празникот 7-ми Ноември!

На Седницата, по повод овој празник беа доделени признанија на:

1. Друштво за производство трговија и услуги ГАМА ВИНЕРИ ДООЕЛ Гевгелија - Подружница ВИНАРИЈА ГАМА Демир Капија

Друштвото за производство, трговија и услуги ГАМА ВИНЕРИ ДООЕЛ Гевгелија е сопственик на најстарата винарска визба на Балканот, Вила Марија, која датира уште од далечната 1928 година. Во рамките на оваа винарија се наоѓа и самата вила на кралицата Марија која претставува заштитен културно-историски споменик и обележје не само за општина Демир Капија туку и за Република Македонија. Во 2018 година се изврши целосно реновирање на комплексот и создавање на мултифункционален комплекс со проширување на производствените и сместувачки капацитети. Со оваа инвестиција се отворија голем број на нови работни места кои во иднина ќе се зголемуваат, а со отварањето на угостителските и сместувачки капацитети се зголеми и туристичкиот потенцијал.
Целокупната инвестиција допринесува не само за афирмација на општината туку и за унапредување на локалниот економски развој на општината како и развојот на винскиот туризам што е од интерес за општина Демир Капија.
2. ПРИЗНАНИЕ ЗА 2018 ГОДИНА СЕ ДОДЕЛИ НА – ВИНАРСКА ВИЗБА ПОПОВА КУЛА АД ДЕМИР КАПИЈА

Во текот на своето 13 годишно постоење, винарската визба Попова Кула стана една од најпосетуваните вински дестинации во Р. Македонија, а со тоа и препознатлив симбол на нашата општина. Станушината е стара македонска автохтона сорта на грозје која може да се најде единствено во Тиквешкиот регион во Македонија. Винарска визба Попова Кула е единствениот производител на оваа сортно вино во Македонија и во светот. Во хотелот и ресторанот се послужуваат наубавите традиционални оброци, како и храна од различни интернационални кујни. Со тоа Винарската Визба ПОПОВА КУЛА Демир Капија допринесува не само за афирмација и промоција на општина Демир Капија туку и за унапредување на локалниот развој на општината и развојот на винскиот туризам.

3. ПРИЗНАНИЕ ЗА 2018 ГОДИНА СЕ ДОДЕЛИ НА - Амбасада на Република Полска во Република Македонија

Со финансиска подршка од 877.080,00 денари Амбасадата на Република Полска овозможи реализизација на проектот ,,Подобрување на условите за живот преку унапредување на животната средина’’, со кој проект се придонесе кон Подобрени услови за живот на населението, Намалување на ризиците од појава на заразни болести , Чистење и отстранување на дивите депонии низ атарите на петте населени места во општина Демир Капија, Намалување на отпадот низ улиците во населените места, Зголемување на свеста кај локалното население за заштита и унапредување на животната средина.
Со тоа Амбасадата на Република Полска допринесува не само за подобрување на условите за живот преку унапредување на животната средина туку и за унапредување на локалниот економски развој на општината.

4. ПРИЗНАНИЕ ЗА 2018 ГОДИНА СЕ ДОДЕЛИ НА - БЛАГОЈА ВЕЛКОВСКИ 
од Канада, со потекло од Демир Капија

Благоја Велковски, поранешен сограѓанин на Демир Капија а сега жител на Канада кој несебично го сака својот роден крај, е голем хуманитарец, секогаш подготвен преку најразлични видови на донации да им помага на оние на кои тоа им е најпотребно. 
Во текот на 2018 година г-н Благоја Велковски, во два наврати донираше по 3000 канадски долари кои ги намени за помош на малиот Илија Петков кој имаше потреба од скапа операција и за отпочнување на изградба на куќа за 12-членото семејство Алимови од с.Бистренци. Во тек се и преговори за други донации наменети за институции и граѓани на општина Демир Капија. Сметаме дека овој хуман човек преку својата добротворна работа се покажа како редок хуманитарец, заслужи да му оддадеме почит и признание.
Заради особените заслуги од областа на социјалната и хуманитарната помош на Благоја Велковски му доделуваме Признание за 2018 година.
Наградата 7-ми Ноември за 2018 година се додели на:

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И ПРОСТОРНО ПЛАНИРАЊЕ

Со подршка на Министерството за животна средина и просторно планирање во општина Демир Капија се реализираа значителни проекти од областа на заштитата на животната средина со кои се придонесе кон подобрување на квалитетот на живот на населението. Во текот на 2018 година од страна на министерството беа одобрени два големи проекти и тоа:
- Проект за изградба на два крака од фекална канализација во с. Чифлик – Вкупната вредност на проектот е 1.711.078,00 денари од кои средства за реализација на проектот вкупниот придонес од страна на министерството е 900.000,00 денари
- Проект за изградба на резервоар за вода од 200м3 за водовод во с. Корешница. – Вкупната вредност на проектот е 4.213.510,00 денари. Придонесот од страна на министерството е 2.500.000,00 денари.
Потоа следуваше културно уметничка приредба.

 

 

45777761_2273638652867867_1641791071832768512_n.jpg45588436_2273640629534336_7120839241696804864_n.jpg45878951_2273641039534295_2458555304476934144_n.jpg45641905_2273640146201051_3542206734720303104_n.jpg45660941_2273638266201239_2377959624692203520_n.jpg45705398_2273640226201043_9101599895717937152_n.jpg45722426_2273639709534428_163777647141191680_n.jpg45719052_2273638959534503_8020884844420530176_n.jpg45596988_2273639452867787_510313935207923712_n.jpg45668768_2273640372867695_8113133320235122688_n.jpg45869365_2273638256201240_5292880424417099776_n.jpg

 

 

 

 

МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА