Четири години откако Горан Самарџиев го крена шампионскиот пехар, балканската БИБЛ лига повторно се враќа во градот на својот поранешен освојувач. Во рамките на второто коло од регионалната лига, кошаркарите на Фени Индустри во среда, 19 октомври, во својот „Јасмин“ ќе го пречекаат тимот на Тирана во обидот по четири години да стигнат до нова победа.

Во најавата на мечот, Горан Самарџиев кој сега е прв асистент на Љупчо Малинков се наврати на натпреварот кој го заврши со пехарот во своите раце. „Кога годинава го потврдивме учеството во БИБЛ, прво што ми падна на памет е баш тој финален натпревар и радоста што му ја подаривме на Кавадарци, на Македонија и најмногу на Фени Индустри бидејќи ни овозможи одлични услови за функционирање на еден клуб во земјата. Имавме многу голема желба да победиме на тој натпревар, дури можам да кажам дека имавме и позитивна трема пред натпреварот, знаејќи дека играме дома, пред нашата публика и дека мора да победиме. Тоа беше голема победа за еден мал град и релативно млад клуб без некое искуство во Европа. Целиот град живееше за кошарката тие денови, што беше незаборавно. Од друга страна направивме историја, и сеуште нашата титула е единствена титула на македонски во Европа па макар било тоа и од БИБЛ“.

Екипата на Тирана веќе ја запиша првата победа во новата сезона со триумфот против Трепча, но Самарџиев е оптимист и верува дека може да го добијат тимот од главниот град на Албанија. „Имаме доволно информации и видео материјали од првиот натпревар на Тирана, така да подготвени го дочекуваме овој натпревар. Нашата предност ја гледаме во поголемиот фонд на играчи и подолгата клупа, а секако најмногу домашниот терен и нашата подршка од трибините. Мислам дека сме поквалитетна екипа од Тирана, но тоа мора да го докажеме на терен. Играчите се желни за победи и ќе го дадат својот максимум па дали ќе биде тоа доволно ќе видиме во среда“.

Натпреварот Фени Индустри - Тирана започнува во 19 часот, a вратите во спортската сала „Јасмин“ ќе бидат отворени еден час порано.

МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА