Пожар зафатил утрово куќа во Демир Капија, на улицата “Наум Наумов”.

Пламените јазици зафатиле голем дел од покуќнината, за среќа повредени нема. Командирот на Територијалната противпожарна единица од Неготино Иле Илиев информираше дека веднаш излегле на лице место, по пријавата за пожар добиена околу осум часот.

-Интервениравме со едно противпожарно возило и тројца пожарникари. Заедно со нас во гаснењето на пожарот учествуваа и седум работници од демиркапиското комунално претпријатие “Бошава”, а помагаа и неколкумина вработени во Специјален завод Демир Капија. Не дозволивме да падне кровот на индивидуалниот станбен објект, соопшти Илиев.

Причините за пожарот и висината на материјалната штета ќе се утврдуваат дополнително.