Во просториите на Општина Демир Капија Советот денеска ја одржа осмата по ред редовна седница.

Седницата ја отвори и водеше претседавачот на Советот Андон Крстевски.По разгледувањето на првата точка од дневниот ред беше донесена Одлука за измена и дополнување на Буџетот на Општина Демир Капија за 2022 година – прв ребаланс. Износот на вкупните приходи на Буџетот на општина Демир Капија од 124.907.038,00 денари се заменува со 135.629.605,00 денари. Износот од вкупните расходи на Буџетот на општина Демир Капија од 124.907.038,00 денари се заменува со135.629.605,00 денари. Потоа се премина на втората точка од дневниот ред на која беше донесена Одлука за давање согласност за финансиско учество во предлог проектот "Изградба/реконструкција на улици бр.1, улица бр.2 и бр.3 во с.Бистренци".Со оваа одлука се дава согласност за сопствено учество во предлог проектот и за обезбедени 50% или 2.093.647,75 денари со ДДВ, од потребните средства за реализација.

Третата точка од дневниот ред по разгледувањето исто така беше усвоена, а се однесуваше на донесување на Одлука за воспоставување на меѓуопштинска соработка со општините Велес, Лозово, Градско, Демир Капија и Росоман (зајакнување на општинските услуги преку нови технологии). Меѓуопштинската соработка од член 1 на оваа Одлука ќе се остварува преку повеќе општи и конкретни активности кои ќе се имплементираат во петте општини преку формирање на заедничка комисија.Постојаната заедничка комисија ја сочинуваат по еден преставник од одделенијата за информатичка технологија или локален економски развој од секоја општина со која што се воспоставува меѓуопштинска соработка. По потреба, без право на одлучување во работата на постојаната комисија може да се вклучат и надворешни лица претставници на национални институции и меѓународни организации. За претставник во комисијата од Општина Демир Капија се определува Стефанија Соколовиќ. По предлог на градоначаникот на секоја општина ќе се определи по еден претставник, за формирање на посебна комисија која ќе го предложи и изготви договорот за МОС, кој треба да биде потпишан од сите градоначалници во општините кои воспоставуваат меѓуопштинска соработка.

По разгледувањето на четвртата точка од дневниот ред беше усвоена Предлог-Програмата за социјална заштита во Општина Демир Капија за 2022 година.

Основни цели на оваа програма се:

Обезбедување на рационално и ефикасно задоволување на потребите и интересите на населението на општина Демир Капија во областа на социјалната заштита, во рамките на буџетските можности; Зајакнување на соработката со релевантните институции ЦСР Неготино, АВРСМ, образовните институции, во насока на намалување на социјалните и здравствените проблеми со кои се соочува населението во Општина Демир Капија; Зајакнување на јавната свест за потребата од подршка на решавање на социјалните проблеми во општината; Подобрување на стандардот на населението и нивото на здравствената едукација.

Активностите на Општина Демир Капија во областа на социјалната заштита ќе бидат насочени кон поттикнување, поддржување и помагање за остварување на целите на оваа Програма и тоа:

- Помош на социјално загрозени семејства;

- Помош на маргинализирани групи на граѓани, Финансиска помош за лекување, Помош на семејства погодени од несреќа и елементарни непогоди;

- Еднократна парична помош на семејства за новороденче;

- Помош на еднохрани родители без дополнителни приходи;

- Парична помош и стимулативни мерки за деца, ученици и студенти;

- Грижа за старите лица;

- Промовирање на родовата еднаквост;

- Реализација на активности по стратешки документи;

- Вклучување во партнерски проекти со повисоки нивоа на власт и граѓански организации.

ЕДНОКРАТНА ПАРИЧНА ПОМОШ - ПОДДРШКА НА ГРАЃАНИ,ЖИТЕЛИ НА ОПШТИНА ДЕМИР КАПИЈА

Оваа активност се однесува на онаа категорија на граѓани, жители на Општина Демир Капија (со ниски месечни приходи или корисници на социјална парична помош) кои доставиле барање за доделување на финансиска помош заради нарушена здравствена состојба и потреба од лекување или оперативен зафат или други ризични ситуации кои ги нарушуваат нивните услови за домување и живот.

За остварување на правата на еднократна парична помош, потребно е барателот да достави:

-Статус на социјално загрозено лице со потврда/доказ од Центарот за социјални работи или од Агенцијата за вработување;

-Валидна документација за докажување на потребата од покривање на соодветен расход, чие покривање не е опфатено со друг законски пропис;

-Оценка на запаѓање во социјално неповолна положба од објективна причина/документ за месечни примања на вработените членови од семејството;

-Записник за констатирање на фактичката состојба од надлежен орган.

Барањата за остварување на права од социјална заштита и помош се поднесуваат до надлежна Комисија на Советот на Општина Демир Капија, која врз основа на расположливите финансиски средства одобрени во кварталниот финансиски план на Буџетот на Општина Демир Капија, го разгледува поединечно секое барање со комплетна придружна документација. За секое поединечно барање Комисијата се изјаснува со одобрување или неодобрување со предлог за висината на одобрениот износ.

Врз основа на позитивното мислење од надлежната Комисија, Советот на Општина Демир Капија донесува Решение за одобрување на финансиски средства, согласно кварталниот финансиски план на Буџетот на Општина Демир Капија, со намена за ублажување на социјалната состојба на барателот кој без своја вина се нашол во истата.

Паричната помош за ублажување на социјалната состојба на социјално загрозените лица е најмалку во висина од 3.000 денари.

ФИНАНСИСКА ПОМОШ НА ЕДНОХРАНИ РОДИТЕЛИ БЕЗ ДОПОЛНИТЕЛНИ ПРИХОДИ - помош и поддршка на еднородителски семејста. НАМАЛУВАЊЕ НА СИРОМАШТИЈАТА И СОЦИЈАЛНАТА ИСКЛУЧЕНОСТ - со цел намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост ќе бидат превземени следните активности: ИЗВРШУВАЊЕ НА ЈАВНИ РАБОТИ со работно ангажирање на социјално загрозени лица. Преку оваа социјална услуга, општината врши ангажирање на дополнителен број извршители од евиденцијата на невработени лица и приматели на социјална помош, кои би биле ангажирани во Јавните претпријатија (ЈП) основани од општината, во периодите кога се јавува потреба од работници. ОПШТИНСКО КОРИСНА РАБОТА – преку проектот општинско корисна работа се овозможува обука на невработени лица за здобивање со стручни квалификации за вршење на одредени работи и задачи. Преку оваа социјална услуга директно се обезбедува помош и можност за вработувања на маргинализираните лица на територијата на општината.

Во 2021 - 2022 година Општина Демир Капија по шести пат реализира проект во рамките на програмата Општинско корисна работа, која што е поддржана од Агенцијата за вработување, Програмата за развој на Обединетите нации и Општина Демир Капија. Со спроведување на проектот “Подобрување на раниот детски развој и квалитетот на живот во општина Демир Капија III” се овозможи работно ангажирање на 6 невработени лица во детската градинка Ј.О.У.Д.Г. Борис Трајковски ( каде моментално се згрижени околу 100 деца од предучилишна возраст) со реализација на две социјални услуги и тоа четири негователи во детската градинка и двајца фасилитатори за поддршка и координација на социјалната услуга народна кујна. Преку работното ангажирање шестте невработените лица ќе имаат можност да се стекнат со вештини и работно искуство, со што во иднина ќе можат полесно да се вклучат во пазарот на трудот.

Проектните активности се реализираат од септември 2021 година и ќе траат заклучно со месец мај 2022 година. Вкупната вредност на проектот е 567.000 денари од кои учеството на општината е 99.000 а учеството преку Програмата за развој на Обединетите нации е 388.800 денари.

ПРОЕКТ НАРОДНА КУЈНА - Во континуитет се спроведува Проектот ,,Народна кујна’’ преку кој во ЈОУДГ “Борис Трајковски“Демир Капија се обезбедува топол оброк за најзагрозените граѓани. Проектот се реализира во соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика, Општина Демир Капија и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа и со него моментално се опфатени 10 (десет) лица. Планирано е со овој проект да се опфатат и корисниците на социјална помош и од населените места во општина Демир Капија, со што бројката ќе се зголеми до 15 лица и на овој начин ќе се овозможи подобрување на квалитетот на животниот стандард на оваа социјално ранлива категорија на лица. Со цел да се намали социјалната исклученост за семејства со низок социјален статус секоја година се обезбедува ДОНАЦИЈА ОД ПАКЕТЧИЊА ЗА ДЕЦА.

3.ПАРИЧНА ПОМОШ И СТИМУЛАТИВНИ МЕРКИ ЗА ДЕЦА, УЧЕНИЦИ И СТУДЕНТИ

. Еднократна парична помош на семејства за новороденчиња родени во 2022 година во општина Демир Капија

Во рамките на своите активности Општина Демир Капија оваа година ќе продолжи со позитивната практика на доделување на еднократна парична помош за новородени деца во 2022 година, чии родители се со постојано живеалиште во Општина Демир Капија.

Еднократниот паричен надомест ќе изнесува:

6.000,00 денари, за секое новородено дете и 15.000,00 денари, во случај кога мајката ќе роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе).

Градоначалникот на Општина Демир Капија донесува Решение за одобрување на еднократна парична помош за новороденче врз основа на претходно поднесено барање од еден од родителите на детето.

Барателот е должен да достави – копија од лична карта од родителите, извод од матична книга на родените (за новороденчето) и број на трансакциона сметка, во рок од (3) месеца од денот на раѓањето на детето.

На овој начин освен што се помагаат семејствата со принови, се добиваат и податоци за бројоот на новородени деца во Општината на годишно ниво, во сооднос со податоците за пораст или опаѓање на новородени деца во локалната самоуправа.

Општина Демир Капија од 2022 година ќе обезбедува ПАРИЧНИ НАГРАДИ И СТИПЕНДИИ ЗА УЧЕНИЦИ И СТУДЕНТИ кои потекнуваат од социјално загрозени семејства како и за најдобрите ученици согласно утврдени критериуми, и тоа:

-Ученички стипендии за учебна 2022/23 (ученици кои се од социјално ранливи семејства и ученици кои постигнале значителни резултати во учењето)

-Студентски стипендии за студиска 2022/23 ( студенти кои се од социјално ранливи семејства и студенти кои постигнале значителни резултати)

-Парична награда за првенец на генерацијата 2022/2023 во ООУ“Димче А.Габерот“Демир Капија

-Парични награди за ученици кои постигнале значајни резултати на државни и меѓународни натпревари

ПОДДРШКА НА ЛИЦА ЖРТВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО – Реализација на Проект “Воспоставување на советувалишен центар за помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство“ чија главна цел е подобрување на пристапот до специјализирани сервиси за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство на локално ниво.Советувалиштето се планира да биде во општина Кавадарци, на локација која е лесно достапна и пристапна за лица со физичка попреченост, а ќе го користат жени и деца жртви на насилство од општина Кавадарци, Росоман, Демир Капија и Неготино. ПОСЕТА НА УЧИЛИШТАТА И ГРАДИНКИТЕ ОД СТРАНА НА СТРУЧНИ ЛИЦА ЗА ИДЕНТИФИКАЦИЈА НА УЧЕНИЦИ И ДЕЦА ВО СОЦИЈАЛЕН РИЗИК И СПРЕЧУВАЊЕ НА ПОЈАВА НА СОЦИЈАЛНИ ПРОБЛЕМИ

Целта на оваа активност е идентификација на ученици и деца во социјален ризик и спречување на појава на воспитно-социјални проблеми кај истите.

Активноста ќе се реализира преку посета на училиштето и градинката кои се на територија на Општина Демир Капија од страна на стручните лица и стручни служби од: Центарот за социјална работа, претставници од Општина Демир Капија кои работат на оваа проблематика, како и самите стручни служби во образовните институции (психолози, педагози, дефектолози или социјални работници). Ваквите методи следејќи го однесувањето на децата и учениците и нивните реакции на одредени теми и разговори би придонеле кон полесна идентификација на оние кои се во социјален ризик, како и превенција од појава на социјални проблеми.

Во рамките на овие активности, Градоначалникот на општината отпочна постапка преку МОН за отварање и опремување на една сензорна соба, која ќе функционира во склопот на ООУ“Димче А.Габерот“Демир Капија, наменета за деца со интелектуална попреченост и потешкотии во развој, како можност за создавање на подобри услови за вклучување на учениците со попреченост во воспитно – образовниот процес. Отварањето на сензорната соба ќе помогне да се унапреди вклучувањето на децата со посебни потреби во секојдневните училишни активности.

На тој начин се очекува, доколку има одредени проблеми да се делува на време и да овие деца и млади бидат навреме упатени до соодветни институции или стручни лица кои би го третирале нивниот проблем или проблемот во нивното семејство.

Потоа се премина на петата точка на која беше усвоена Предлог-Програмата за изградба, реконструкција и одржување на јавното осветлување во општина Демир Капија за 2022 година. Програмата за изградба, реконструкција и одржување на јавното осветлување во општина Демир Капија претставува продолжување на имплементација на програмата од претходната година. Притоа програмата е надополнета со одредени активности кои се произлезени од работата на терен и новосоздадени услови за изминатата година и е предвидено истата да ги опфати следните активности:

1.Извори на финансирање на Програмата

2.Одржување на постоечки улични светилки

3.Изградба односно поставување на нови улични светилки (комплет)

4.Средства за плаќање на фактури

Шестата точка од дневниот ред по разгледувањето и образложението беше усвоена, а се однесуваше на Предлог-Решение за давање согласност на Извештај за работењето на ЈКП Бошава од Демир Капија за 2021 година усвоен од Управниот одбор на претпријатието на седницата одржана на 30.03.2022 година.

Седмата точка од дневниот ред се однесуваше на Предлог-Решение за давање согласност на Финансиски извештај по годишна сметка на ЈКП "БОШАВА" од Демир Капија за 2021 година , усвоен од Управниот одбор на претпријатието на седницата одржана на 30.03.2022 година.Оваа точка по даденото образложение исто така беше усвоена.

По разгледувањето на осмата точка од дневниот ред беше донесен Заклучокот за усвојување на Квартален извештај за извршување на Буџетот на Општина Демир Капија за првиот квартал 2022 година. Потоа се премина на деветата точка на која беше донесен Заклучокот за усвојување на Годишен извештај за јавна чистота во град Демир Капија за 2021 година усвоен од Управниот одбор на претпријатието на седница одржана на 30.03.2022 година.

Десетата точка од дневниот ред по разгледувањето и образложувањето исто така беше усвоена, а се однесуваше на давање согласност за сопствено учество во предлог проектот Изградба на атмосферска канализација на крак на улица Партизанска во Демир Капија и за обезбедени 51% или 3.505.688,10 денари со ДДВ од потребните средства за реализација.

Седницата заврши со разгледување на барања од физички и правни лица.

Барањето од Здружение за подршка и развој ХУМАНОСТ Скопје-Подружница Демир Капија бр.08-236/1 од 15.03.2022 година не беше усвоено. Барањето на Здружение СПОРТСКИ КЛУБ КЛИСУРА Демир Капија бр.08-254/1 од 22.03.2022 година беше усвоено.

П.П.