Сега можат да бидат легализирани и дивоизградените викендички во заштитената кота од крајбрежниот појас на Тиквешкото Езеро.

Околу 1.500 дивоизградени објекти во Кавадарци се веќе легализирани, а околу 2.5 илјади се во постапка на легализација, информира Ванчо Колевски, заменик раководител на Секторот за урбанизам, комунална изградба, заштита на животната средина и сообраќај при кавадаречката локална самоуправа.

-Согласно на Законот за легализирање на дивоизградени објекти, во Секторот добивме околу 7.500 барања за легализација. Остатокот од бројката на легализирани објекти и досиеја кои се во процес на легализација, се предмети кои се некомплетни, па неопходно е нивно докомплетирање, соопшти Колевски.

Тој вели дека голем дел од сопствениците на бесправно изградени објекти во минатото, навреме ја поднеле соодветната документација за легализирање на нивните имоти.

-Само мал дел од нелегалните градители сеуште не се обратиле кај нас со барање за отпочнување на постапката за легализација на нивните градби. Затоа апелирам до нив да ја почнат процедурата за легализација зашто крајниот рок за поднесување на елаборати е до 15 декември, додаде.

Колевски информира дека сега можат да бидат легализирани и дивоизградените викендички во заштитената кота од крајбрежниот појас на Тиквешкото Езеро.