Без вода за пиење сеуште се фабриката "Дрекслмаер" во Кавадарци и жителите на Росоман поради пукната главна водоводна линија Ф-200.

Работници на јавното комунално претпријатие денеска интензивно работеа на отстранување на дефектот и се очекуваше проблемот да биде надминат околу 17 часот.

-За жал, до крајот на денот и покрај сите наши напори, не успеавме докрај да го решиме проблемот поради тешко пристапниот терен на кој се наоѓа дефектот. Дел од дефектот сепак го отстранивме и добија вода за пиење дел од кавадарчани и дел од индустриската зона, кои претходно имаа прекин во водоснабдувањето, информираше Марјан Крстевски, техничар во работната единица за водовод и канализација при кавадаречкото јавно претпријатие "Комуналец".

Тој нагласи дека утре уште изутрина ќе се работи на целосно санирање на дефектот. Засега не можат да кажат кога точно ќе биде нормализирано водоснабдувањето таму каде што во моментов нема вода.