Според новиот формат ракометната елита би броела 16 екипи поделени во две групи по осум
Последните две сезони машката ракометна Супер лига постојано го менуваше системот на натпреварување, со проширување, па со кратење. Сега повторно се заговара, и повеќе од сигурно е дека ќе има ново проширување на лигата. Во предлогот што веќе е доставен до клубовите и се наоѓа на разгледување, се планира Суперлигата во сезоната 2022/23 да брои 16 екипи поделени во две групи по осум. Оние што ќе се пласираат од 1 до 10 место во тековната сезона, плус четирите првопласирани од Првата лига, додека последните две места ќе се пополнат преку две бараж средби на тимовите од 11 и 12 место од Суперлигата против тимовите што ќе завршат на 5 и 6 шесто место во Првата лига. Натпреварите во регуларниот дел би се играле по еднокружен бод систем – 14 кола, а потоа екипите од 1-4 место во двете групи ќе играат плеј-оф по истиот систем, односно уште 14 кола. Оние од 5-8 место ќе разигруваат за опстанок во плеј-аут по истиот систем. Планирано е да се пренесуваат по 3,2,1 и 0 бодови во зависност од која позиција екипата се пласира во плеј-оф или плеј-аут. По добивањето на конечниот пласман во плеј-аутот, екипите од 1-5 место треба да обезбедат опстанок, шестиот тим од Суперлигата да игра бараж со третопласираниот од Прва лига, седмиот и осмиот тим од суперлигата би се преселиле во понизок ранг додека прво и вторпласираниот од Првата лига би имале директен пласман во елитното друштво. Доколку пријавениот број на екипи во Првата лига за следната сезона е 14, тогаш предлог е да се игра по еднокружен бод систем, а доколку се повеќе екипи, тогаш можеби и во оваа конкуренција ќе се игра по групи. Сепак ова е само предлог, кој треба да се прифати или одбие од страна на Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија.
М.В.