/Видео/ На денешен ден почина Илија Каровски

На денешен ден
Типографија

На 23 јанури 2012 година во Кавадарци почина Илија Каровски една од најзначајните личности во афирмирањето на културното живеење на Кавадарци од ослободувањето на Кавадарци па се до неговата смрт.

Илија Каровски е роден во Кавадарци 1926 година во повеќечлено семејство. Имал голем талент и дарба за музика, а тоа нешто го забележал неговиот професор по музика во нижата гимназија, Васил Хаџи Манов. Во текот на 1945 година Каровски завршил посебен курс за стручни учители по музика, што му овозможило да стане наставник по музика во гимназијата “Јосип Броз Тито“ во Кавадарци во учебната 1945-46 година. Имал голема наклоност не само кон музиката и музичките настани, ами и кон спортот и театарската уметност. Долга низа години Каровски бил фудбалер, фудбалски судија и претседател на Општинскиот фудбалски сојуз.
Тој е актер и режисер во аматерскиот театар во Кавадарци, а подоцна и негов директор. Заедно со Александар Грков и Илчо Бањански ги режираат комедиите: “Сомнително лице“, “Покојник“, “Милионерот“, “Д-р“, “Пат околу светот“, “Ужалена фамилија“ и др. Од септември 1961 година Илија Каровски е директор на Домот на културата. Во тој период покрај редовните кино претстави Аматерскиот театар годишно прикажувал по 250 претстави, вклучувајќи ги тука и претставите давани надвор од Кавадарци. Каровски долги години беше постојан дописник од Кавадарци во дневниот весник “Нова Македонија“. Тој е еден од иницијаторите за формирање на Кошаркарскиот клуб “Тиквеш“, бројни културни манифестации, како “Тиквешкиот гроздобер“, Фестивалот на младински и пионерски хорови и др. Илија Каровски остави и значајни трудови: монографијата “50 години театарска дејност“ во 1995 година, како и монографијата “ФК Тиквеш 1930-1995“, објавена во 1996 година.

П.Камчевски