МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Нa 14 мај 1943 година , на планината Вишешница бил формиран тиквешкиот партизански одред “Добри Даскалов” , кој го добил името по прославениот револуционер од овој крај кој се борел против турското ропство. Штабот на одредот го сочинувале: Никола Минчев – Јане – командант, Димката Ангелов – Габерот – политички комесар, Лазар Калајџиски – Добри – заменик командант и Пецо Пепељуговски – заменик политички комесар. На денот на формирањето одредот броел околу 60 борци, а за кратко време неговиот број се зголемил за повеќе од стотина борци, што претставувал една од најголемите партизански единици во тоа време. Вечерта на 14 мај една група борци од одредот заминува во с. Ресава со задача да набават храна. Групата наидува на непријателска заседа и по кратка престрелка бил убиен партизанот Фердо Росомански. На 17 мај борците од одредот изведуваат успешна акција во с. Гарниково, а на 18 мај во с. Бојанчиште при што биле убиени осум бугарски полицајци, а од страна на партизаните загинале Лазо Стојанов и Миле В̓ чков. Една од позначајните акции на одредот бил нападот и разоружувањето на бугарските погранични караули Шаренка и Порта. Во таа акција биле заробени 20 пушки, муниција, облека и воен материјал. На 27 мај 1943 г. одредот одржал успешен митинг во с. Драгожел и била организирана општо народна прослава. На 2 јуни 1943 г. одредот влегол во селата Праведник, Шешково и Драдња, а на 5 јуни во с. Галиште. Со цел да се уништи партизанското движење во Тиквешијата, бугарскиот окупатор од 7 до 16 јуни организирал широка акција за уништување на одредите “Добри Даскалов” и “Сава Михајлов “. На 7 јуни во борбата кај с. Никодин загинал Блажо Тодоровски – Чичето. На 10 јуни во непријателска заседа загинаа Димката Ангелов – Габерот. Пано Мударов – Фрањо, Ило Виларов – Сокол и Стојан Крстев. По неуспехот на јунската офанзива партизанските одреди се префрлиле во реонот на Зборско, Егејска Македонија. Во овој период биле одржани многубројни предавања и курсеви за ракување со оружје и борбена тактика. Одредите и тука не престанале со својата активност, тие во помали групи се префрлуваат во реонот на Тиквеш и Гевгелиско каде вршат борбени акции, одржуваат митинзи и собири со населението, прифаќаат нови борци во своите редови. На 11 август била извршена успешна акција во с. Трстеник, на 15 во с. Бунарче, на 16 во с. Страмашево, на 17 во с. Радња. На 21 август одредите повторно се враќаат на Пајак планина. На 16 септември на пл. Кајмакчалан одредите имаа средба со борците од одредот “Гоце Делчев”. На 24 септември со наредба на ГШ на ПО и НОВ на Македонија од одредите “Добри Даскалов”, “Гоце Делчев”и “Сава Михајлов “ на пл. Кајмакчалан бил формиран баталјонот “Страшо Пинџур”.

Кустос историчар Натка Китева