Заев :“Позитивните трендови ни даваат можност да ги активираме мерките за враќање на парите кон граѓаните, моделот за поврат на ДДВ е готов„

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, денеска, заедно со заинтересирани граѓани учествуваат во отворена дебата на трибината  „Силна економија - шанса за сите“ во Кавадарци.

Во своето воведно обраќање пред присутните бројни граѓани од Кавадарци и регионот, премиерот Заев истакна дека реформите, новите економски политики и Договорот од Преспа, како и нашето членство во НАТО, кое е во процес на ратификација во парламентите на земјите члени на алијансата, поттикнаа силни и позитивни развојни економски трендови.

Во поткрепа на оваа тема, претседателот на Владата потенцираше дека 2018 година ја завршивме со рекордна вредност на странските директни инвестиции од 624,5 милиони евра, а стабилната политичка клима и поддршката на преку 250 домашни компании, обезбедија зголемен број на нови, добро платени работни места, постојан раст на просечната плата и трендови кои влијае на растот на БДП на државата како индикатор за општествен раст.

„Овие економски позитивни трендови, ни овозможуваат да ги спроведеме мерките по кои се препознаваат политиките на оваа влада: Да ги враќаме парите назад кај граѓаните по многу основи. Од 1 јули ќе започне мерката за враќање на дел од данокот за додадена вредност на граѓаните. Одржавме серија состаноци со Министерството за финансии и со Управата за јавни приходи, и го создадовме моделот за враќање на ДДВ-то за граѓаните. Секој граѓанин на нашата земја на возраст од 15 години нагоре, ќе може да приложи фискални сметки од широката потрошувачка, со што секое семејство ќе може да смета дека во текот на една година назад, во семејниот буџет, ќе си врати околу 30 илјади денари“, информираше премиерот Заев.

Во продолжение тој додаде дека вкупниот износ кој ќе се врати назад кај граѓаните од повратот на ДДВ, се проценува дека ќе изнесува од 60 до 100 милиони евра.

Позитивните економски трендови имаат своја улога и во реализацијата на новиот пакет социјални закони со кои од сиромаштија ќе извлечат 400 илјади наши сограѓани кои од април оваа година, откако Собранието ќе ги усвои законите. Дополнително, социјалната помош од сегашните 3900 денари, ќе порасне не нешто повеќе од 11 илјади денари, и тоа е само една нова мерка која опфаќа и многу други во системот на заштита.

Освен зголемувањето на висината на социјалната помош, меѓу другото, со реформите пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати. Од идната година детскиот додаток место досегашните 3.200 деца ќе го користат 73.500 деца, а место образовниот наместо 3.800 деца, 64.316 деца. Исто така типично четиричлено семејство место досегашните 3.000 денари социјална помош ќе зема гарантиран минимален приход од над 10.000 денари, односно секое домаќинство ќе добива паричен надомест според социјалниот ризик во кој што се наоѓа.

„Трендот на растот на платите од 6% на годишно ниво, најавува дека во 2020 година ќе оствариме просечна плата од 500 евра“, нагласи на трибината  „Силна економија - шанса за сите“ во Кавадарци Претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев.

Трибината, која е во тек, ќе продолжи со обраќањето на заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев и со прашања од граѓаните.

МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА