Изложбата на фотографии од Љупчо Илиевски беше отворена синоќа во Домот на културата “Иван Мазов Климе” во Кавадарци.
Авторот појасни дека фотографиите се дел од проект реализиран благодарение на УНДП, во рамките на кој се објавени и во Нешнл географик, а беа дел и од годишен календар присутен во 162 држави. Фотографирани се во Преспа и преспанскиот дел, за чии убавини како што рече самиот, малкумина знаат, а може да се говори многу. Нему, таа убавина, како што нагласи, му дошла како мелем на рана. Ја опиша како тивка, спокојна, убавина која дава мир.
-Прво истражував што се не смеам да пропуштам и морам да фотографирам. Прво што реков, беше, дека тишината кога сака да се одмори, сигурно оди во Преспа. Таму е едно од петте најстари езера во светот. Во самото езеро има ендемски вид на риба, многу раритетната брајчинска пастрмка. Кога ќе застанете и ќе се загледате во таа езерска шир, ќе добиете впечаток дека сте на Франкфуртскиот аеродром. затоа што во секој миг се нешто полетува и слетува. Една бројка достојна за почит, 46.7 проценти од сите видови на птици во Европа, се наоѓаат токму на Преспанското Езеро, рече Илиевски во своето обраќање пред присутните.
Тој потсети дека Преспа е сместена меѓу два национални парка, Галичица и Пелистер. Го спомена и Ангелот од Курбиново, предвесник на романтизмот и дело прогласено меѓу трите најубави фрески во светот. Се осврна и на единствениот остров во државата.
-Докажано е дека таму војниците на Самоил одмарале после војните. Има значителен број на змии, особено водени и по некој поскок. Има дрво наречено фојга кое е единствено и многу раритетно, го има уште во две држави, Грција и Албанија. Преспанскиот дел е трет регион во светот по производство на јаболки. За Преспа уште многу може да се говори, додаде авторот.
Илиевски е роден 1955 година во Прилеп. Од 1984 година хонорарно вработен во Танјуг, од 1987 до 1993 во МРТВ како фоторепортер и до денес како камерман-снимател.