Советот на Општина Кавадарци денеска ја одржа 46 седница. Покрај останатите материјали, советниците ја усвоија програмата со настани за претстојната манифестација “Тиквешки гроздобер”.
Годинава е предвидено да се одржи од први до четврти септември.
За прв пат од постоењето на „Гроздоберот„ како традиционална стопанско културна и туристичка манифестација, годинава се организира награден конкурс за избор на најдобра маска на карневалот, кој секоја година е дел од гроздоберот.
Сопственикот на најубавата маска ќе добие илјада евра, а за маските кои ќе освојат второ и трето место, предвидени се награди од 700 и 500 евра.
Девет маски пак, ќе бидат наградени со по 200 евра. Вкупниот буџет предвиден за реализација на наградниот конкурс изнесува четири илјади евра.
За забавата на градскиот плоштад се задолжени групите Фолтин, Рибља чорба, Парни ваљак, Бангладеш. Предвиден е и традиционалниот избор на вински кралица и крал.
Програмата зодржи и вечер посветена на Никола Бадев, представа, изложба за чаршијата во Кавадарци некогаш и денес, богата културно уметничка програма, презентација и дегустација на грозје и вина од винарии, вински боемски фестивал и таблијада, детски карневал и улични забавувачи.
Во соработка со еминентни професори-енолози, ќе бидат избрани најдобри сорти на вино од присутните винарии на гроздоберот.
За сите активности предвидени со програмата, потребни се над 5.5 милиони денари. Четири милиони денари ќе обезбеди општина Кавадарци, а останатите финансиски средства ќе се покријат од спонзорства, како и од винариите и угостителските објекти кои ќе земат учество на манифестацијата.