Долгогодишната идеја и желба на кавадарчани особено на музичките таленти и на наставниот кадар се остварува.
Започнаа работите на изградбата на нова концертна сала на Музичкото училиште во Кавадарци, објект кој е неоходен за одвивање на наставата и на целокупниот концертно-музички живот на градот.
Новата концертна сала ќе претставува место за музички натпревари, покажување на знаења од оваа област и значително ќе ги подобри условите во воспитно образовниот процес кај нас и презентирање на нашите постигнувања во државата и надвор од неа.
На свеченоста по повод ставањето на камен темелникот, веднаш до зградата на Музичко балетското училиште „Лазо Мицев Рале “, пред преставниците на Локалната самоуправа, граѓаните, наставниците од музичкото училиште, се обратија директорот на ОМБУ Златко Јованов, наставничката Силвана Чулева и градоначалникот Александар Панов. Свештеници од храмот СВ. Димитрија ги осветија камењата – темелници по пригодната служба.
Проектот е во вредност од над 80.000 евра. Инвестицијата се финансира од локалната самоуправа, Министерството за образование и наука и УСАИД.
Училиштето помош ќе добие и од бизнис заедницата во градот. За довршување на објектот и прибирање на средства одлучено е да се реализира и донаторски концерт за учениците од основните и средните училишта, како и за граѓаните на општина Кавадарци.
Со изградбата на концертната сала, вели дирекорот Јованов, ќе се подобрат условите за работа и на учениците по балет кои досега својата програма ја реализираа исто така во Домот на културата. Досега училиштето сите концертни активности, јавни настапи, манифестации и слично ги обавуваше, нагласи директорот Златко Јованов, во салата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ од Кавадарци.
Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов во обраќањето пред присутните се заблагодари на поддршката добиена од УСАИД и МОН, но и кон бизнис секторот. Кавадарци е единствена општина во регионот која добива ваков објект. Им се заблагодарувам и на градоначалниците од Вардарскиот регион кои уште пред неколку години ја поддржаа оваа идеја. Со нејзината реализација се создаваат услови ова училиште од основно да премине во средно и во него да се школуваат сите квалитетни ученици од регионот кои понатаму ќе го продолжат школувањето во Скопје, Европа и светот, нагласи Градоначаникот на Кавадарци.
Градоначаникот Панов потсети дека желбата за концертна сала е дамнешна, а со нејзината изградба се отвараат можности за преименување на очилиштето од основно во средно, што пак е тенденција на овој град и оваа локална самопуправа, со оглед на капацитетот и квалитетот на кадрите кои излегуваат од Кавадарци.
Небојша Мојсовски, раководител на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, исто така изрази задоволство од соработката со Општина Кавадарци која трае повеќе години и рече дека му е задоволство што ќе се гради ваква сала во едно од најнаградуваните училишта кај нас.