Домот на културата е во интензивна подготовка на одбележувањето на јубилејот 90 години од одигрувањето на првата официјална театарска претстава во Кавадарци.
Станува збор за голем јубилеј кој ќе биде одбележан со бројни настани (театарски претстави – премиери, репризи и гостувачки, изложби и др.) низ годината. Во таа насока е и подготовката на новата премиера на Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, целовечерната “Од кол на кол“ по текст на Реј Куни, во режија на Диме Коцевски и чие прво излегување пред публиката се очекува во втората половина на месец февруари. Во рамките на јубилејот, оваа година кавадаречкиот Театар ќе исфрли три премиери на целовечерни претстави и три премиери на детски театарски претстави (од кои првата веќе започна со првите подготовки). Празнувањата на Театарот во Кавадарци започнуваат кон крајот на јануари со реприза на матична сцена на хит претставата “Пасивно пушење“ и нејзино гостување во периодот кој следува на неколку сцени низ Македонија.
М.Тодоровски-Дом на Култура