Во 1935 година (пред 85 години) започна со работа библиотеката - читалиште во Кавадарци. По иницијатива на група интелектуална младина кое своето школување го формира во развиените културни центри меѓу кои: Милан Даскалов, Тодор Велков, Страшо Пинџур, Никола Минчев, Диме Поп Атанасов, Тасо Митков и др. во Кавадарци е формирано читалиштето “Тиквеш“. Библиотеката на почетокот била сместена во дуќан, а подоцна во простории на Диме Поп Атанасов. Во почетокот работи со скромен книжен фонд и списанија околу 120 книги. Најчести биле делата на: Џек Лондон, Иван Цанкар, Бранислав Нушиќ, Максим Горки и др. Студентите кои се школувале во поголемите високошколски центри во Југославија како и поимотните граѓани на Кавадарци, придонеле за збогатување на книжниот фонд на библиотеката. Претседател на управниот одбор на читалиштето бил Атанас Чејков, секретар Диме Поп Атанасов, а благајник Тасо Митков. Бил формиран одбор за собирање на црвена помош, која освен за купување на книги била наменета и за финансирање на семејствата на комунистите кои се наоѓале во затвор. Работата на читалиштето била забранета во 1937 година, а постоечкиот книжен фонд бил конфискуван од властите. Во 1938 година читалиштето продолжило со работа. Во 1939 година ова читалиште организирало изложба на ѕидни весници и книги, со цел да се популаризира работата на читалиштето и да се поттикне младината за читање на книги. Со доаѓањето на бугарската војска во Кавадарци во 1941 година повторно се забранила работата на читалиштето. Во текот на 1941/42 г. со работата на читалиштето – библиотека раководи Стефан Хаџи Тефов – Феткин и Мито Хаџи Василев – Јасмин. По ослободувањето библиотеката продолжува да работи, а прв платен библиотекар во Кавадарци е Славчо Темков, кој е и секретар на Управен одбор. Првото читалиште е формирано во средината на 1869 година во Ваташа.
Кустос историчар Марија Михова