Со реализацијата на овој проект Општина Кавадарци доби ново, квалитетно и поекономично улично осветлување. Ќе се осветлат и оние делови каде што досега немаше поставено канделабри. Проектот е со финансиска вредност од 44.999 000 денари. Изградбата, реконструкцијата и модернизацијата на Јавното улично осветлување опфаќа интервенции на 17 локации во градот. Новата линија, како и сите останати ќе бидат инкорпорирани во Системот за далечинска контрола, мониторинг и регулирање на Јавното улично осветлување. Системот претставува интелигентен начин на комуникациско поврзување што овозможува постојана централна контрола, мониторинг, регулација на светлосно ниво, далечинско мерење на потрошената електрична енергија, пристап до секој ормар и преглед на моменталната состојба во мрежата на уличното осветлување. Тоа се остварува со софтверско, web решение, каде се врши целосна синхронизација помеѓу централната контролна соба и контролните модули кои се инсталирани во ормарите на самите физички локации. Комуникацијата се врши безжично или преку интернет врска. Делот од системот кој се однесува на контролата е конфигуриран да врши централно вклучување и исклучување со што се постигнува оптимизирање на работните часови на светилките и поедноставно управување. Делот од системот кој се однесува на мониторингот овозможува: анализа на потрошувачката на електрична енергија, далечинско отчитување на потрошената активна и реактивна енергија, факторот на моќност, фреквенцијата, моменталната струја и напон. Ваквата конфигурација на системот овозможува: детекција на дефект и прекин на главното напојување, детекција на кражба на електрична енергија, детекција на останати проблеми во мрежата, како и можност за собирање и складирање на податоци. Одговорното лице има постојан (24/7) пристап до секој ормар и може да врши моментално отчитување на електричните прилики во мрежата. Со овој проект општината Кавадарци е меѓу првите општини кои ги применуваат современите енергетски и информатички технологии и еколошките стандарди во управувањето со системот за улично осветлување.