ШАНСИТЕ ЗА ПЛАСМАН НА КАВАДАРЧАНИ ВО ПЛЕЈ ОФОТ СВЕДЕНИ НА МИНИМУМ
Ракометарите на „Еурофарм Пелистер 2“ му се реваншираа на „Тиквеш“ за поразот во првиот меч оваа сезона и славеа во салата „Јасмин“ во Кавадарци со резултат 26:27 (9:11). Со овие бодови битолчани дојдоа на чекор до пласманот во плеј-офот а иако има уште да се игра до крајот на регуларниот дел од суперлигата кавадарчани своите шанси ги сведоа само на теорија. Иако гостите постојано одржуваа предност од 2 до 3 гола во 52 мин „Тиквеш“ израмни на 21:21. Тогаш пикерот на домашните Ѓорѓиоски кој е клучен играч во одбраната доби црвен картон поради три исклучувања. Во последната минута беше 25:26, па 26:27, а имаше уште некоја секунда за домашните да изборат барем бод, но не се снајдоа и победата ја однесоа битолчани. Најдобри стрелци кај битолчани беа Кузманоски со осум и Талевски со шест погодоци, а голманот Ивановски имаше 12 интервенции. Кај „Тиквеш“ Симиќ реализираше седум а Јанчев шест голови. Ракометарите на „Прилеп“ забележаа важна победа на гостувањето во Богданци кај „Младост“ со 27:28 па и тие останаа во игра за пласман во плеј-офот. Иако домашните водеа на моменти и со 5 голови разлика прилепчани успеаја да се вратат и на 2 мин до крајот водеа со 26:27. „Младост“ не реализираше напад, па Чантурија зголеми на 26:28 и остана време за домашните само да го намалат поразот со гол во последните секунди за конечни 27:28. Ракометарите на „Тиквеш“ имаат за играње уште четири средби – дома со „Металург“ и на гости кај „Работнички“, „Прилеп“ и „Бутел“. Шансите за плеј-оф остануваат и понатаму иако се само теоретски односно нашите момци до крајот едноставно не смеат да загубат.
м.в.