ИСТОКОТ И ДЕН ДЕНЕСКА Е ВО МОДА - КАВАДАРЕЧКИТЕ НАВИВАЧИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ ВО ЗЕМЈАВА И РЕГИОНОТ
Навивачи - тифози - навивање - тифо сцена и култура. Кога ке споменето вакво нешто во Кавадарци првата асоцијација,првата мисла треба да биде ЛОЗАРИ. Ако тргнеме од оние први организирани собири на групи кои навиваат без разлика дали навиваат на фудбалски, ракометен, кошаркарски или некој друг натпревар, според пишувањата и секавањата на навивачите првата група која закачила навивачки транспарент на градскиот стадион во Кавадарци е „РЕТКИ БИЛКИ“ со што на некој начин започнало организираното навивање во Кавадарци.
-„Ретки билки„
Постојат и информации и податоци кои велат дека и пред тоа постоела навивачка група која се викала „Ајдуци“ но сите го паметат црниот транспарент на „РЕТКИ БИЛКИ“. „Ајдуци“ било името на групата која уште во далечната 1988 година започнала да го бодри фудбалскиот клуб „Тиквеш“ . На почетокот на 1991 двете групи се обединиле во навивачка групата „Лозари“, додека поединечно „Ајдуци“ и „Ретки билки“ останале да функционираат како подгрупи на „Лозари“. Обележјата и боите на „Лозари“ од секогаш биле црвена и бела, исто како и боите на „Ф.К.Тиквеш“, но и боите на општината, боите на општинското знаме. Локацијата за навивање на „Лозари“ на трибините секогаш била позади старото ракометното игралиште кое своевремено постоеше на стадионот. Навивачката група секогаш беше со својот „Тиквеш“ без разлика на која позиција на табелата се наоѓа но исто така и навивачите примаа ниски ударци од поедини структури. На пример низок удар беше одлуката на ФФМ со која им се забрани на клубовите организирано носење на своите навивачи на гостувањата со што спласна тифо треската а фудбалот тргна по удолница. Во тој период навивачката односно тифо сцената се пресели и во спортските сали во Кавадарци кога на пример во салата „Партизан“, „Лозари“ им ја даваа подршката на кошаркарските екипи на „Тиквеш“ и женскиот кошаркарски клуб „Тиквеш Флорида“, а навивањето потоа продолжи и на источната трибина во новоизградената сала „Јасмин“ па оттука според многумина произлезе и додавката „Лозари Исток“.
Гаснење на спортот
Покрај невработеноста, транзицијата во голема мерка го згасна спортот, а со самото тоа и навивањето во градот.Но навивачите без разлика колку беа на трибините секогаш беа со нивната прва љубов „ФК Тиквеш“ без разлика во која лига играше и на кое место беше. Превземањето на кошаркарскиот клуб „Тиквеш“ од компанијата „Фени Индустри“, и создавањето на амбициозен проект, беше иницијална каписла за враќање на навивањето во Кавадарци. По неколку неуспешни обиди за реорганизирање на навивачката група Лозари, на 14 февруари 2010 година, на натпревар на „ФК Тиквеш“ во рамките на меморијалниот турнир „Вуко Каров“, на градскиот стадион во Кавадарци се појави навивачката група „Ultra Crew“, составена од педесетина млади кавадарчани, вљубеници во градот и искрени подржувачи на спортот. Иако многумина не веруваа, момците кои го сочинуваа јадрото на „Ultra Crew“, на многупати покажаа и докажаа дека се способни да го вратат навивањето во Кавадарци, и тоа на високо ниво. И го направија тоа. Застанаа повторно на исток, под славното име „Лозари“, но го зачуваа „ултрашот“ во себе.
Лозари денес
Денес „Лозари“ е една од најдобрите и најинвентивните навивачки групи во Македонија а би рекол и пошироко во регионот со бројка и тим за респект. Истокот и ден денес е во мода, а победите на „Лозари“ се речиси секојдневие.У инат на душманите „Лозари“ живеат и еве го слават 30 роденден. А на натпреварите, на трибините секогаш ке најдете љубов, верност и песна посветена кон кавадаречките спортски колективи. АЈДУЦИ, РЕТКИ БИЛКИ, ЛОЗАРИ, УЛТРА КРУ, УЛТРА ДРИНКЕРС,12 БРИГАДА,НАШ`ТО МААЛО и сите останати (простете ако некој испуштивме) - СРЕКЕН РОДЕНДЕН ДЕЧКИ , СЕ ГЛЕДАМЕ НА ИСТОКОТ.
м.в.