Државниот завод за индустриска сопственост, денеска, на 26 април го одбележа Светскиот ден на интелектуална сопственост и ја додели наградата „Патент на годината за 2020 година“.
Оценувачката комисија од потесниот избор сведен на пет патенти го избра пронајдокот на Димитрија Анѓелков од Кавадарци кој со неговиот тим измисли „Респираторна машина“.
Исто така, Државниот завод за индустриска сопственост им додели признанија на иноваторите Борис Нешковски, кој доби знатен и сребрен медал на саемите во Москва и Мароко за изумот „Интелигентен стап за навигација на слепи лица“ и на Драган Јованов за иновацијата „Агрофит тоник за мултиплекс склероза“ кој беше добитник на девет златни медали и еден златен пехар.
Годинава, денот на интелектуалната сопственост се одбележува во знакот на „ИП и мали и средни претпријатија – Пренесување на вашите идеи на пазарот“.
Државниот завод за индустриска сопственост (ДЗИС) преку патентирање овозможува посигурна положба на пазарот и јакнење на конкурентноста на претпријатијата.
– До нашиот завод патентираните идеи главно доаѓаат од граѓаните, а помалку од компаниите. Токму затоа фокусот на Државниот завод за индустриска сопственост е да се стимулираат и запознаат особено малите и средни претпријатија за бенефитите кои ги нуди заштитата на производите или идеите – велат од ДЗИС.
извор : https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/%D1%80%D0%B5%D1%81%D0%BF%D0%B8%D1%80%D0%B0%D1%82%D0%BE%D1%80%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D1%88%D0%B8%D0%BD%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%B4%D0%B8%D0%BC%D0%B8%D1%82%D1%80%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B0/?fbclid=IwAR2NP6Li7A5-rp0Ybwm9N3vlyoBbs3UYnApvspDrCFESfR30iqsM5jugi5o