Кожувчанка ДОО отсекогаш се грижела за доброто на младите и нивната иднина со тоа што инвестирала во нивниот развој уште од мали. Тоа го потврдува и овојпат со потпишувањето на Меморандумот за соработка за оддржување пракса на учениците од СОУ “Киро Спанџов-Брко” од Кавадарци во компанијата.
Свесни за фактот дека промените во образовниот процес предизвикани од динамичниот развој на технологијата, економијата и глобалниот пазар сами по себе бараат поинаков пристап во учењето, односно фокусот на стекнување на стручни знаења, развивање практични вештини и компетенции е потребно да се премести од училиштето во компаниите, потребата од соработка помеѓу образовните институции и работодавачите се покажа како неминовна.
Со заложба за обезбедување квалитетен кадар кој ќе поседува одредени компетенции и вештини за полесно адаптирање на пазарот на трудот и со задолжително воведување на феријалната пракса/практика во наставниот план на техничкото образование и наставниот план на стручното образование за занимање, Кожувчанка ДОО и СОУ “Киро Спанџов-Брко” го потпишаа овој меморандум.
“Соработката подразбира изведување на практична обука на учениците и учење преку работа, а формите на соработка, координација и спроведување на конкретните активности ќе се остваруваат врз основа на план и програма однапред усогласена и усвоена според потребите и можностите на двете страни.” – изјавија од Компанијата Кожувчанка од Кавадарци.
Посакуваме секој ученик да ја има оваа можност, а секое училиште да пронајде соработник како ,,Кожувчанка,, за доброто на цело општество и иднината на младите во нашата земја.