.Најавуваме изложба под наслов „И јас сум тука“ на авторите Тоше Огњанов и Сребра Ѓорѓијевска закажана за вечерва во 19 часот во Домот на култура „Иван Мазев“ во Кавадарци. Ќе биде прикажан и документарениот филм „Модна ревија“. Информацијата е од тимот на „И јас сум тука“.ж
Изложбата вклучува 20 лица со посебни потреби од повеќе градови од Македонија на различна возраст, а портретите се придружени и од приказни посветени на нив.
Веднаш по отворањето на изложбата ќе биде прикажан и шведскиот документарен филм „Модна ревија: Од Глада Худик до Њујорк“, во кој улогите ги толкуваат лица-актери со интелектуална попреченост, кои денес се ѕвезди во Шведска. Филмот зборува за соништата во кои треба да веруваме.
На настанот ќе бидат промовирани и книгата „И јас сум тука“, во која се сместени сите приказни на луѓето-учесници на изложбата, како и македонскиот превод на „Не престанувајте да се гушкате“ од Оса Емрот, книга со цитати на актерите од театарот „Глада Худик“ од Шведска.
Целта на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ е да се смени стереотипното однесување кон луѓето со попреченост, да се намалат стигмите и да се крене свесноста за интелектуалната попреченост, вели Ануки Стуруа, проект-менаџер на „Децата не се раѓаат со предрасуди“.
„И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт. Ова е проект кој во Шведска од 2014 година дал одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведува од 2020 година. Здружението на граѓани за поддршка на лицата со посебни потреби „Солем“ преку разни активности се вклучи во проектот за што повеќе деца во земјава да бидат опфатени преку активности реализирани во училиштата.
Основач на проектот е театарскиот режисер, продуцент, сценарист Пер Јохансон.
Изложбата „И јас сум тука“ беше прв пат претставена пред јавноста во ноември во Кинотеката на Македонија во ноември 2021 година, а во меѓувреме беше претставена во Струга, Гевгелија, Богданци и во Неготино, а есенва ќе има мини-турнеја низ неколку градови во Македонија.