Кавадаречките млади танчери во голема и силна конкуренција постигнаа завидни резултати
Танцовиот спортски клуб Линеа од Кавадарци, изминатиов викенд учествуваше на престижниот меѓународен натпревар во спортски танци "Скопје Опен 2022". Организатор беше клубот Ритам Плус од Скопје, под покровителство на Танцовата спортска федерација на Македонија и Светската танцова федерација. Во голема и мошне силна конкуренција, нашите танчери-спортисти предводени од нивниот тренер М-р Лазар Соколов, извојуваа големи победи за клубот и за нашиот град. Танцовата двојка Борис Спанџов и Стефанија Јованова во возрасната група пионери, го освоија првото место, натпреварувајќи се во 4 латино танци. Танцовата двојка Атанас Ристов и Елена Јованов, во воз.група Млади младинци, го освоија третото место. Во дисциплината Соло, натпреварувачката Светлана Митревска, во воз.група млади младинци го освои првото место, а во пионери, Стефанија Јованова го освои второто место Во дисциплината Дуо Синхро, Ели Лазаров и Светлана Митревска го освоија првото место. Учесници на овој натпревар имаше буквално од целиот свет: од Америка до Хонг Конг. На нашите репрезентативци, ова им беше втор натпревар оваа танцова сезона, по бодовниот натпревар за лига кој се одржа во Битола. Следниот натпревар е во Софија, Р. Бугарија, на 10 декември, каде очекуваме уште поголема конкуренција, затоа напорните тренинзи продолжуваат за овие млади и надежни танчери.
М.В.