Општина Кавадарци ја продолжува традицијата на одбележување на „Св.Трифун”, 14-ти Февруари празникот на лозарите и винарите од Тиквешијата.
Ова е еден од најзначајните денови кои го слават лозарите. „Св.Трифун” се смета за заштитник на полските посеви, лозјата и градините, па лозарите и винарите го слават како свој патрон, кога и ги закројуваат лозите и ги залеваат со црвено Тиквешко вино посакувајќи си притоа плодна и бериќетна година.Имајќи ја во предвид симболиката на овој ден, преку планираните активности за одбележување на празникот, Локална самоуправа Кавадарци во координирана активност со Домот на културата „Иван Мазов Климе”, Музеј – Галерија Кавадарци, СОЗШ „Ѓорче Петров”, ќе реализираат содржински настани со тематики пригодни за одбележување на „Св. Трифун”.
Програмата за одбележување на Празникот „Св. Трифун” ќе започне во предвечерието на празникот во понеделник 13.02.2017 година во 19:00 часот кога во Градската галерија ќе биде отворена изложба на слики со наслов „Боженствена љубов и виното“ на Новица Трајковски од Скопје, по што во големата сала на Домот на културата ќе уследи концерт на Оркестарот на АРМ.
На денот на празникот 14.02.2017 година вторник во црквата „Св.Димитрија“ Кавадарци ќе се отслужи Света архиерејска литургија со Световен обред „Закројување на виновата лоза“ во дворот на црквата. Потоа свеченостите продолжуваа во 11:30 часот со Симболично закројување на Градски плоштад каде се организира и пригодна културно уметничка програма. Одбележувањето на празникот завршува со отворање на Изложба на уметнички слики „Мотиви од лозарството“ на Лазар Дојчиновски во 18:00 часот во Музеј – галерија Кавадарци.Во знак на церемонијално означување на почетокот на закројувањето на виновата лоза и отпочнување на лозарските работи, особен акцент се става на зачувување и негување на традициите и обичаите типични за тиквешкиот лозаро-винарски регион.
На Градскиот плоштад ќе се постават монтажни елементи кои ќе служат за презентација на производите на Тиквешката традиционална храна, како и производи од грозје /вино, ракија, маџун, слатко и други производи. Од страна на СОЗШ “„Ѓорче Петров” од Кавадарци ќе бидат поставени импровизирани лозови насади за симболично закројување, соопштува Димитар Мурџев од Службата за односи со јавноста на Локалната самноуправа.