Во неформална атмосфера, со евоцирање спомени преку видеата кои беа прикажувани, официјалните обраќања, но и во неформалните разговори помеѓу приустните, беше одбележан десеттиот роденден на младинскиот центар „Креактив“.
Во вечерта посветена на десетгодишнината од постоењето на Креактив не воведе рок групата „Лексикон“ за по краткиот филм во кој главните јунаци беа сите оние личности кои низ десетгодишната историја на центарот поминаа низ неговите врати, да следи и официјалното обраќање на тројцата одговорни за успешната работа на центарот, Драган Марковски, Драган Атанасов и Александра Ристова.Заблагодарувајќи им се на сите присутни, Ристова која долги години е координатор во „Креактив“ зборуваше за секојдневните предизвици во центарот, за веднаш по неа претседателот на организацијата, Драган Марковски накратко да ја раскаже приказната за создавањето на центарот кој стана прв по многу нешта во Македонија, меѓу кој и прв кој произведува органска храна.
За разлика од Марковски, Драган Атанасов низ бројки ја потенцираше успешноста на центарот кој одработил повеќе од осумдесетина европски проекти и хостирал над 60 волонтери од целиот свет, притоа не заборавајќи да им се заблагодари на сите партнерски организации од земјата, но и од градот.
Роденденската забава продолжи со настапот на рок групата „Лексикон“, но и со мала активност за присутните која ја подготвија челните луѓе на младинскиот центар „Креактив“ за да заврши со роденденска торта.