МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Тајните на манастирскиот живот во кавадаречко ги кријат неколку манастири кои се повеќе го привлекуваат вниманието и заслужуваат да бидат видени.

Во организација на музејот од Кавадарци и кавадаречката локална самоуправа, утре во музејската галерија ќе биде отворена изложбата посветена на манастирите во кавадаречко. На 27 плакати во стаклени рамки ќе бидат презентирани околу 100 фотографии од Полошкиот, Моклишкиот и Бошавскиот манастир и дел од оригиналниот иконопис и резба од црквата Свети Ѓорѓи при Полошкиот манастир.

Како што кажува Весна Ѓорѓиева, виш кустос, историчар на уметност при кавадаречкиот музеј, црквите и манастирите во Тиквешијата како и останатите средновековни манастири во Македонија како упоришта на православниот монашкиот живот со својата богата историја, духовна и материјална култура, отсекогаш предизвикувале интерес со својата амбиенталност, архитектура, иконопис, резба, ѕидно сликарство, мобилијар и останатото движното културно наследство кое го поседуваат. Тие се свидетели на вековната традиција на источно христијанската култура и богатото религиозното творештво на нашиот народ.

Како духовни и културни центри имале мошне значајна улога и во ширењето на описменувањето и образованието на луѓето од овој крај. Тие биле седишта на првите ќелијни училишта во овој дел на нашата држава и тоа од триесетите години на 18 век, најнапред во Полошкиот а подоцна и во Моклишкиот манастир. Училиштата биле поделени на световни и духовни, односно на граѓански и црковни. Манастирските конаци во тиквешките манастири располагале и со богати библиотеки во кои имало богат фонд на црковни книги и стари ракописи. Полошкиот манастир Свети Ѓорѓи располагал со богата библиотека која имала околу 50 товари книги, а Моклишкиот манастир Свети Никола библиотека со околу 20 товари книги и стари ракописи. Меѓутоа со текот на времето од многу причини овие богати библиотеки биле запустени, а од црквите и манастирите од Тиквешијата однесено непроценливо движно културно наследство.