Лилјана е мајка на две веќе возрасни ќерки, сопруга, но и јога практикант повеќе од една деценија. Нашиот разговор ќе го фокусираме на нејзината трансформација преку практикувањето на јогата, но нема да пропуштиме да прашаме дали има нешто конкретно што ја навело на тој пат. Лилјана вели дека по долги години пракса, тоа придонело за нејзин духовен раст и пронаоѓање на внатрешниот мир, па ајде да дознаеме интересни детали.
Лилјана, добредојде од duhovnametamorfoza.mk. Како јога практикант најпрво би сакала да прашам дали постоеше конкретна причина зошто се одлучи да практикуваш јога и од кога ја практикуваш?
Отсекогаш ме интересирала источната мистика и мудроста на источниот народ. Но, пред 30тина години немаше интернет, па извор на знаење беа книгите и списанијата. Затоа почнав да истражувам, па наидов на првите списанија како Јога, здравје и хармонија. Знаев дека јогата е древна наука за духовноста и ме интересираше како и на кој начин влијае на човекот. Кога се појави можност и за практикување, почнав да следам часови.
Дали постоеја предизвици во однос на времето кое го посветуваше за таа пракса и колку успеваше да балансираш сите овие години меѓу домашните обврски како мајка, сопруга, домаќинка и вработена, и јога праксата?
Времето е релативна категорија. За приоритети секогаш го има. Кога почнав да ги чувствувам промените, си ветив дека ќе бидам истрајна во практикувањето. Со поголема свесност пристапував на друго во секојдневието и се друго добиваше друга смисла и тежина.
Најдолго практикуваш јога по концепт кој е направен по моделот на учителот Павлос Хасанагас од Јога сојузот на Македонија. Дали има дополнителни активности како семинари и работилници во организација на Сојузот, и каков е одзивот со оглед на тоа дека јогата еден период беше осудувана и од МПЦ како нехристијанска?
Да, во рамките на Јога сојузот на Македонија низ годините беа организирани многу семинари, предавања и слично на разни места во Македонија и одзивот беше поголем, но во и после периодот на пандемијата тие средби се одржуваат онлајн, најчесто преку Zoom, но одзивот е помал. Мислам дека на тоа нема влијание ставот на МПЦ, туку делумно влијанието на социјалните мрежи и изменетите вредности на живеење. Денес акцентот е ставен на материјалните добра, а не на духовноста, на целта, а не на смислата на животот.
Кој е твојот личен бенефит од тие дополнителни активности?
Со континуирано практикување јога се развива поголема свесност за себе, за односот на нашата надворешна и внатрешна природа. Се постигнува психофизичка опуштеност и стабилност, се намалуваат менталниот и физичкиот замор и се воспоставува хармонија меѓу телото и умот. Низ дополнителните активности се врши размена на искуства, се стекнуваат знаења, теоретски и практични, од искусните учители. Целта е да се подобри квалитетот на живеење со добро физичко и ментално здравје.
Што ти подразбираш под духовна метаморфоза? Што смени кај тебе како личност јогата и дали таа промена може да ја окарактеризираш како твоја духовна метаморфоза?
Под духовна метаморфоза подразбирам коренита, длабока преобразба на внатрешен план. Илустративно како кога отвораш прозорец и гледаш какво е времето надвор, со јогата отвораш прозорец, со се гледаш себеси, својата внатрешност: мисли, емоции, доживувања, еден друг посуптилен свет. Преку контрола на телото и умот, дишењето и другите техники, ја осознаваме суштината на нашето битие, не се идентификуваме само со нашата надворешност, име, статис и слично, туку ја откриваме смислата на нашето постоење во овој универзум.
Дали мислиш дека еволуцијата на единката е нешто што се прави еднаш или неколку пати како третмани или ние сме во константен раст и развој иако се соочуваме со тешки предизвици?
Еволуцијата е процес што константно трае. Сите предизвици, искуства и искушенија, како и нашите реакции и одговори на нив го сочинуваат тој процес. Во човековата природа е да се развива не само биолошки, туку и духовно.
Постојат ли одредени настани кои го обележале длабоко твоето постоење, а за кои сметаш дека имаш уште што да работиш на себе?
Имало повеќе ситуации кои влијаеле на мојот духовен развој, но еден настан имаше клучна улога. Тоа беше ситуација во која огромна внатрешна сила ми помогна да ја поминам истата и да го доведам моето физичко тело во неговата примарна состојба. Внатрешна борба за опстанок. Извесен период после тоа дојде јогата и сфатив дека ми е судбински дадена да почнам да почнам да работам на себе.
Како би го дефинирала терминот духовност и дали сметаш дека е помодарство или тоа е повик на душата за која е претешко да се снаоѓа во свет кој главен акцент се става на материјализмот?
Денес поимот духовност различно се толкува. Тоа е аспект кој се однесува на начинот на кој а изразуваме смислата и целта на нашето постоење и тоа како ја доживуваме поврзаноста со себе, со другите и природата. Овој аспект е тешко сфатлив за оние кои го ставаат материјалното и минливото пред нематеријалното и метафизичкото.
Што би препорачала на оние кои не пробарале јога, но и на оние кои сметаат дека таа е за затегнување на мускулите, а не на умот и духот?
Доколку сакаме да ги приближеме другите до јогата без инсистирање, треба преку нашиот личен пример да им помогнеме да ја разберат. Тука не е потребно убедување. Животот на сите им дава ситуации кои ги менуваат, па барајќи начин како да се ослободат од негативните тенденции, илузии и некои потешкотии, често случајно или не наидуваат на јогата. Тогаш согледуваат дека таа е вредно знаење кое им помага во тоа, и не е само обично истегнување на мускулите.