Спасен е штркот во село Сопот.Сега му е потребна интервенција кај ветеринар, и време за закреплување.
По малиот бел мршојадец кој минатата година падна на кавадаречките улици, за потоа да биде спасен од совесни граѓани, љубовта кон животните кои ја имаат кавадарчани ја почуствува и мал штрк кој беше заглавен во своето гнездо.
Информацијата за малиот штрк кој беше заплеткан во своето гнезо во селото Сопот ја сподели Срѓан Ѓорѓевиќ, набрзина се рашири по социјалните мрежи, на што експресно реагираше тимот на компанијата за електро оддржување Ел Бох кој го ослободи малиот штрк.
„Информацијата за штркот ја видовме на фејсбук, и веднаш се упативме кон селото Сопот. Со корпата од нашето специјализирано возило пристапивме до гнездото, во кое го најдовме малиот штрк, заплеткан во конец кој е носен од самите птици во гнездото“ - информира Јане Јаневски, дел од тимот на oва компанија.
Во продолжение раскажувајќи за невообичаената акција, Јаневски рече дека штркот иако бил преплашен, им дозволил на своите „спасители“ да му помогнат и да го ослободат. „Сите во нашиот тим сме големи љубители на животните, и нашата акција беше само нормална реакција на човек кој сака нешто. Дополнително, со самото тоа што имаме соодветна опрема почуствувавме уште поголема одговорност да направиме едно мало добро дело“ - заврши Јаневски.