МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Прес конференција на Еколошкото друштво „Еко живот„

Да се испита загаденоста на почвата, да се влијае врз намалувањето на штетните ПМ - 10 честички, отстранување на старите електрични апарати и истрошени батерии, помош при електроенергетска ефикасност за кавадарчани, ова се само неколку проекти на кои во моментов работат екологистите од Регионалниот еколошки центар “Еко-живот” од Кавадарци, а за кои синоќа информираше претседателот Роберто Паризов.

-Правиме напори конечно да се провери загаденоста на кавадаречката почва заедно со велешката, скопската и тетовската. Тоа е еден мошне значаен проект во кој како еколошко друштво, сме партнер на екологистите од “Вила Зора” од Велес. Со нив соработуваме и во активностите за подобрување на електроенергетската ефикасност во домовите на кавадарчани, а неколку семејства ќе добијат поддршка за инсталирање на сончеви колектор и. Во акцијата пак за ослободување од старите електронски апарати и истрошените батерии, имаме поддршка од “Нула отпад”, појасни Паризов.

Тој потсети дека друштвото како член на Движењето на екологисти на Македонија, во досегашното работење има реализирано многубројни обуки и акции за зголемување на еколошката свест.

-Со новата локална самоуправа веќе разговаравме за Локалниот еколошки акционен план кој не е донесен дваесетина години, како и за Стратегија за заштита на животната средина, соопшти Паризов.

На прес конференција, беа презентирани и еколошките активности на друштвото, кои подразбираат учество на млади екологисти во еколошки проекти во неколку други земји. Паризов најави дека работат и на Стратегија за намалување на аерозагаденоста во Кавадарци, со краткорочни и долгорочни мерки. Таа се изработува од стручен тим и ќе биде предадена во општината.