Во Тиквешијата вчера падна голема количина воден талог за кратко време.Поројниот дожд направи штети на одделни земјоделски по поршини, а град падна во околината на селата Дебриште и Камен Дол.
Зрна град големи колку кикиритки, ги столчија грозјето и праските во Дебриште, при синоќешното невреме.Ова се првите информации за невремето вчера попладне кое ја зафати Тиквешијата.
- Нема зборови со кои можеме да опишеме како се чувствуваме. Штетата е голема, оштетувањата според нас се стопроцентни кај лозјата и педесет отсто кај праските. И фотографиите кажуваат. Ги молиме надлежните да излезат на терен и да ги проценат штетите, рече Виктор Стојанов од Дебриште.
Драганчо Николов, советник во подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството во Кавадарци, потврди дека штети има во атарите на росоманските Дебриште и Камен дол. Рече дека уште денеска ќе излезат на терен за да ги согледаат состојбите и да им дадат препораки на оштетените.
Во Кавадарци падна голема колилина на воден талог.Улиците беа како реки, што доволно зборува за силата на циклонот „Владимир„ кој го донесе овој пороен дожд во Тиквешијата.Има земја и песок на одделни улици, но засега не располагаме со информации за конкретни штети на инфраструктурата во градот.
Видео РТК.МК
Фото: ФБ профил Реално Кавадарци