МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

На својот ФБ профил Здужението „Напредни лозари„ за кратко време се јави со нов(втор) осврт на состојбите во лозарството во светлината на годинашиот откуп на грозје

„Почитувани сограѓани, почитувани лозаропроизводители

Управниот одбор на здружението “Напредни Лозари“, по реакциите на нашата вчерашна објава на ФБ и на дел од медиумите, почувствува потреба да обезбеди дополнителни информации за вас, зашто покрај позитивните коментари, дел од граѓаните не се доволно информирани за нашето здружение. Сметаме дека дополнително треба да ви ги посочиме и предочиме следните факти:

Прво, Здружението “НАПРЕДНИ ЛОЗАРИ“ е неполитичка, невладина и независна асоцијација на здружување на интересите на една единствена целна група – производителите на грозје. Основната основачка премиса, основната задача и крајната цел која пред себе ја има поставено ова Здружение е: ИНТЕГРИРАЊЕ НА ПОТРЕБИТЕ И ИНТЕРЕСИТЕ НА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА ГРОЗЈЕ, пред се во заштита на брендот и цената на производот од кој егзистираат или пак со кој дополнително се занимаваат најголемото мнозинство на семејства во Тиквешијата. Крајна цел е стабилизирање и пораст на цените на откупот на грозјето, се до постигање на некогашниот блескав ценовен рејтинг кој го имаше нашиот производ некаде пред три децении.

Второ, “Напредни Лозари“ не се ни Агротиквешија, ниту пак било кое друго квазиздружение. Здружението “Напредни Лозари“ не е ничија испостава, ниту е создадено за спроведување на ничии, па ни на политиките на било која влада, власт или олигархија. Се оградуваме од секакви коментари дека сме “блиски“ со власта, дека и нам ни е “дадена инекцијата“. Единствена инекција која сме во состојба да ја примиме е онаа која ќе обезбеди откупната цена на најевтината сорта на грозје да е најмалку 25 денари за килограм.

Трето, сметаме дека основата за враќањето на подобра иднина на лозарите треба да започне од минатото, пред 29 години кога килограм грозје од сортата смедеревка на откуп чинеше над една германска марка, читај евро. Тоа се цените кои и ден денес важат во целиот свет. Триесет години разни политички структури упорно ги форсираат винариите и откупувачите за други странски субјекти и упорно создаваат вински олигарси кои пак безмилосно му ја цицаат потта и крвта на лозарот. Македонија денес наликува како Колумбија во времето на Пабло Ескобар – господарот на злото, со тоа што кај нас ваквите господари не се во бизнисот со кокаинот туку во винскиот бизнис. Овие наши домашни вински тајкуни и олигарси, со текот на времето се одметнаа и од контролата на нивните создатели, та сега наместо да бидат контролирани од тие кои ги создале, со моќта која ја стекнаа со огромните профити на сметка на мизерните откупни цени на грозјето, ги контролираат сите политички гарнитури на власт.

Четврто, ние од Здружението “Напредни Лозари“ добро знаеме против кого сме решиле да се бориме. Добро ни е позната моќта на парите. Добро знаеме што се некој денес во Македонија може да стори со многу пари. Свесни сме дека ние сами како здружение сме во невозможна мисија да ги натераме надлежните од владата да влијаат на овие гарнитури кои се закотвени на нашите вени на вратот и ни ја пијат крвта. Но исто така добро знаеме дека мисијата ќе стане можна тогаш, кога производителите на грозје ќе ја делегираат својата доверба кон нас, ќе не поддржат и ќе застанеме рамо до рамо во ист строј.

Петто, поради приоритетите кои веднаш по формирањето на Здружението “Напредни Лозари“ беа поставени пред нас, како што е обезбедување на исплатата на заостанатите долгови на одредени винарии кон лозарите, кој приоритет е доведен скоро до крај, здружението немаше сили и простор за маневар да поработи на планот на јакнење на сопственото тело, односно масовизирање на членството. Не сакаме ова да звучи како правдање или однапред откажување но ќе го повториме и повторно потенцираме фактот дека наназад 3 децении систематски е менувана менталната матрица на лозарот. Е сега треба истата да се врати во нормала а тоа е процес кој исто така бара време.

Шесто, до одредени граници можеме да ги сфатиме и надлежните од министерството. И тие се соочени со огромен притисок од вечно алчните олигарси и многу е тешко да се борат против таква сила, без разлика што во рацете ги имаат сите алатки и механизми за справување со истите. Од контактите со нив имаме чувство дека би сакале да помогнат ама нешто недостасува. Ете ние ќе се осмелиме да кажеме: НЕДОСТАСУВА НАРОД НА УЛИЦИТЕ. НЕДОСТАСУВААТ ЛОЗАРИТЕ СО НИВНИТЕ ТРАКТОРИ ПО АВТОПАТИШТАТА И ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ. На оваа и секоја идна власт треба да и се случуваат лозарите, јаболкарите, тутунарите, општо сите гранки на аграрот за да се обезбеди каква-таква правда.

Седмо, ги повикуваме јавно сите наши сограѓани, да ни дадат поддршка во многу нерамноправната борба која ни претстои и јавно да ги осудат сите криминогени дејанија. Од кризата на јавниот морал во која длабоко е потонат нашиот интегритет треба да се исплива и да се посочат злосторниците со прст. Процесот е започнат, потребно е време да почне да создава вредност. Покрај времето потребна е логистика во луѓе и механизација. Доколку сте спремни ве повикуваме уште еднаш јавно да ни се приклучите и заедно да го стресеме тешкиот јарем кој го носиме еве веќе три децении.

Осмо, овие објави се од јавен карактер и истие најверојатно ќе бидат лиферувани и во медиумскиот простор. Истите се насочени против злото кое од нормални и горделиви не претвара во потчинети и омаловажени безрбетници. Доста беше!!!

За крај Здружението НАПРЕДНИ ЛОЗАРИ не спие. „Тивка вода брег рони“, Кога ќе се случи омасовувањето, предвидуваме едно големо лозарско цунами. Затоа, оваа година и не ги оствариме во целост резултатите кон кои целиме, краткорочно веќе го имаме направено стартот за наредната година за што здружението спрема една агенда на отрезнување и освестување на лозарите и инсталирање на кооперантско договарање на краткорочен, среднорочен и долгорочен план.

Срдечен поздрав".