ПЧЕЛАРИТЕ ГИ ДОБИЈА ЗЛАТНИТЕ МЕДАЛИ ЗА КВАЛИТЕТ НА МЕД ОД МЕЃУНАРОДНИОТ НАТПРЕВАР - TETOVO HONEY AWARDS 2020
Тетовските здруженија на пчелари „Градот на пчелите“ и „Полошки мед“ втор пат по ред годинава го организираа меѓународниот натпревар за квалитет на медот „Tetovo - Honey Award 2020“. Годинава 370 мостри мед пристигнаа на конкурсот и тоа од 17 држави и од три континенти. Покрај Европа оваа година имаше натпреварувачи и од Австралија и Америка, што манифестацијата ја прави една од најголемите во Европа.Манифестацијата се одржуваше на Факултетот за технологија на храна при Универзитетот во Тетово. Покрај оценувањето на квалитетот медот беше поделен и по категории а во секоја категорија се прогласуваа шампионите. Вечерва во Кавадарци беа доделени златните медали за квалитет за пчеларите од Кавадарци, Неготино и Прилеп. Покрај медалите беше доделена и шампионската награда - една од двете кои годинава останаа во Македонија а ја доби кавадарчанецот Игор Најдов за мед од медлика. Присутните ги поздрави претседателот на кавадаречките пчелари Горан Колев а потоа се обрати и Владимир Петроски претседател на здружението „Полошки мед“ од Тетово кој ги додели и наградите. На крај поразговаравме и со шампионот Игор Најдов.
м.в.