МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Лазар Дојчинов е роден1948 година во Кавадарци. Завршил Виша ХТЗ школа во Скопје. Во 1978 година се запишува како вонреден студент на Педагошката академија во Скопје, отсек ликовна уметност.

Талентот кој го носи во себе од детството го надоградува низ годините за потоа да продолжи да ги усовршува тајните на сликарските техники кај еминентните професори Димитар Кондовски и Борко Лазески, кои претставуваат голем стимул и императив во неговото понатамошно надоградување како ликовен уметник.

Во 2019 година Дојчинов како гостин на хепенингот на Здружението “Борка – за секој нов ден” кое се случи во Кавадарци, инспириран од самата дружба, остави белег на овој настан со свое уметничко ликовно дело.

Секоја година традиционално во пресрет на празникот „Св. Трифун“ музеј галеријата е домакин на изложба на кавадаречкиот уметник Лазар Дојчинов. Затоа и утревечер со почеток од 18 часот во Локален музеј галерија Кавадарци ке биде отворена негова самостојна изложба насловена како „Свети Трифун 2021“.

Од сликарските техники тој има посебна наклонетост, опсесија и љубов кон акварелот, а од 2004 година работи акрил и масло на платно. Дојчинов има рализирано голем број самостојни изложби во земјата и во странство, меѓу кои десетина веќе традиционално во Локален Музеј галерија – Кавадарци, во Пробиштип, Кратово, Неготино и во Р. Србија.

Неговите изложби се секогаш доста посетени, а изложбата во 2010 година беше посетена од околу 3.000 посетители.

Лазар Дојчинов за својата работа има добиено голем број награди и признанија.

Живее и работи како самостоен ликовен уметник во Кавадарци.

м.в.