МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Кавадаречкиот совет на денешната редовна 56-та седница донесе значајни одлуки , која после подолго време, се одржа со физичко присуство на советниците.

Едногласно беше усвоен планот за борба против корупција на општина Кавадарци за тековната година. Планот за борба против корупцијата е документ во кој се детектираат слабостите во постоечкиот систем на работа во Општина Кавадрци, се утврдуваат стратешките цели кои треба да се постигнат со имплементацијата на истиот, се предвидуваат мерки и активности за остварување на целите, се посочуваат клучните носители на активностите се уредува начинот на кој ќе се постигнат утврдените цели. Градоначалникот Митко Јанчев појаснувајќи го овој документ посочи дека истиот е подготвен согласно планот на владата во борбата со корупцијата. Советот ја прифати иницијативата за изготвување на локален еколошки акционен план а едногласно се усвоија и измените на статутот на општината.

И годинава ќе се субвенционираат енергетско ефикасни грејни тела. Советот ја донесе одлуката, а наредните денови ќе биде распишан јавен повик на кој граѓаните кои ќе набават вакви грејни тела ќе може да аплицираат за субвенции во максимален износ од 15.000 денари или 50% од вредноста на купеното грејно тело. Едногласен беше кавадаречкиот совет и во носењето на одлука со која се даде согласност граѓаните кои должат кон ЈП Комуналец да можат долгот да го платат максимум на 24 рати, но и да бидат ослободени од камати и нотарски трошоци. Градоначалникот Јанчев на седницата информира дека наплатата на сметките за комунални услуги кон ЈП Комуналец е 95 отсто, а оваа пракса за ослободување од камати покажала дека граѓаните сакаат да си го платат заостанатиот долг.

- Јанчев : „ И на правните лица им се нуди можност заостанатиот долг да го платат максимум на 6 рати, но кај нив ќе нема ослободување од камати и останати трошоци. „

Работењето на ЈП Комуналец предизвика и препукување меѓу советниците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Лазар Туриманџов од СДСМ обвини дека на име на Комуналец ВМРО-ДПМНЕ терале политички кампањи, поради што се трупале долгови во минатото кон ова јавно претпријатие, но и дека Комуналец бил претворен во дувло на ВМРО-ДПМНЕ. Реплицираа советници од ВМРО-ДПМНЕ кои рекоа дека во минатото ова јавно претпријатие било прогласувано за најдобро во државата, поради што има добиено грант од 2 милиони евра. Сепак на крај едногласен беше заклучокот дека советниците и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ докажуваат дека тргајќи ги партиските интереси во советот, работат исклучиво во интерес на граѓаните. Таквата пракса на работа во кавадаречкиот совет ја поздрави и градоначалникот Митко Јанчев. Нагласи дека праксата на заедничко работење покажала дека општината одела само напред и се носеле одлуки во интерес на сите граѓани.

На денешната седница едногласно беа усвоени и повеќе одлуки за примање на донации за оптшината, едната се однесува на донација од ротари клуб Кавадарци а е наменета за ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ за каде е набавена опрема за опремување на музичките кабинети. Дугата донација е изработка на идејно решение за “Парк на културата „од „Еко индикатор“ Кавадарци. Едногласно, без дискусии поминаа тримесечните извештаи за работењето на МХЕЏ „Лукар“ и ЈП Паркинг, како и годишните планови за вработување во општина Кавадарци и ЈП Комуналец. На предлог на советникот Петар Николов советот усвои одлука за да му исплати 1 милион денари на ГФК Тиквеш како премија за влезот во првата македонска фудбалска лига.

А.Д.