СООПШТЕНИЕ

(Кавадарци, 13.09.2021) – Со потпишувањето на Договорите за спонзорство Еуроникел Индустри е новиот спонзор на градскиот фудбалски клуб Тиквеш и градскиот ракометен клуб Тиквеш. Договорите се во вредност од 30.000 и 15.000 евра и ја опфаќаат сезоната 2021/22 година. Со овие два договори, кавадаречката компанија е активен спонзор на три локални клуба во три различни спорта, заедно со кошаркарскиот клуб Еуроникел којшто е во целост под покровителство на компанијата.

„Потпишувањето на овие договори е продолжување и проширување на нашата општествена одговорност каде поддршка и промовирање на спортот е еден од главните сегменти и област каде континуирано вложуваме. Веруваме дека подигнување на спортската култура е исклучително важно за младите, а тоа најдобро се постигнува преку создавање силни и успешни локални клубови. Затоа целта на нашата поддршка е да помогнеме ракометниот клуб Тиквеш и фудбалскиот клуб Тиквеш да станат градските спортски херои, пример и мотив за младите, исто како што верувам тоа се сега кошаркарите на Еуроникел кои се минатогодишни вицешампиони, а и продолжуваме и понатаму да целиме кон шампионската титула”, изјави Андреас Цагарис директор на Еуроникел Индустри.

За клубовите овие договори имаат голема вредност затоа што обезбедуваат и гарантираат квалитетен старт и учество во претстојната сезона.

„Фудбалскиот клуб Тиквеш има голема вредност за градот и со своите успешни настапи ја испишува фудбалската историја на градот. Со оваа соработка и потпишаниот договор, добиваме партнер кој ги поддржува вистинските вредности и ја делиме истата цел, да бидеме подобри и поуспешни во своето поле. Исклучително сме среќни што компанија како Еуроникел Индустри застанува зад нас и тоа ќе ни даде дополнителен поттик за понатамошни успеси и уште подобри резултати", истакна претседателот на ФК Тиквеш Миле Масларков.

„Договорот за спонзорство за нас значи повеќе од само поддршка и помош за зголемување на капацитетите и подобрување на перформансите на клубот, во претстојната сезона. Значи дека стопански субјект како Еуроникел Индустри верува во спортот и во квалитетот на клубот и затоа ја дава својата поддршка. Веруваме дека и другите ќе го следат овој пример”, изјави Зоран Јосифов од РК Тиквеш.

Градоначалникот Митко Јанчев, кој обезбедува силна општинска подршка на клубовите, исто така ја истакна својата благодараност кон Еуроникел, и порача дека што повеќе компании треба да го следат овој пример, на тој начин придонесувајќи кон збогатување на спортскиот живот во Кавадарци.