Компанијата го потпомогна уредувањето на просториите на општинската организациска единица во градот
– Со поддршка од DRӒXLMAIER реконструираните простории на организациската единица на Црвен Крст - Кавадарци се опремени со нов мебел. Компанијата обезбеди бироа и гардеробери кои се изработени согласно и соодветно на потребите на персоналот на оваа хуманитарна организација. Со тоа работните простории не само што добија нов изглед, туку и работата на тимовите на Црвениот Крст е поедноставена и попрактична.
Преку поддршка за Црвен Крст до поддршка за сите чинители на заедницата
“Среќни сме што имаме можност да придонесеме кон унапредувањето на условите за работа на тимовите на Црвен Крст – Кавадарци. Да не заборавиме дека постоиме едни за други. Хуманоста е дел од животната етика и сите ние треба да го почитуваме тој принцип. Преку поддршката на организациската единица на Црвен Крст - Кавадарци, ние ја поддржуваме и заедницата кадешто делуваме, бидејќи тимовите на оваа хуманитарна организација ќе имаат услови да овозможат понатамошна помош и поддршка таму кадешто е потребно“, рече Лукас Мирингер, Генерален менаџер на DRӒXLMAIER Македонија.
Размислувањето едни за други, човековата солидарност и поттикнување на колективната одговорност во голема мера придонесуваат за одржливо општество во кое се почитуваат принципите на социјална одговорност.
Црвен Крст искажа почит и благодарност до DRӒXLMAIER Македонија
„Неизмерно сме благодарни затоа што компанијата ни овозможи поддршка во момент кога тоа најмногу ни е потребно сѐ со цел да можеме да продолжиме непречено да ја спроведуваме нашата хуманитарна мисија. DRӒXLMAIER Македонија од своето основање во Кавадарци стана составен и важен дел од секојдневното живеење во градот, но и во регионот овозможувајќи ја својата поддршка во насока на развој на заедницата што секако заслужува огромна почит“, вели Роза Илова од општинската организациска единица на Црвен Крст - Кавадарци.
Претходно годинава, во просториите на DRӒXLMAIER, се одржа добороволна крводарителска акција за чија успешна реализација придонесоа не само вработените во компанијата кои даруваа крв, туку и стручните тимови на Црвениот Крст од Кавадарци.
DRӒXLMAIER е семејна компанија со традиција од над 60 години која целосно одговорно се однесува спрема луѓето и заедно со своите вработени е посветена на широк спектар на проекти со цел да даде придонес за одржливиот развој на општеството од кое се смета себеси за дел.