“Las mujeres” - (“Жените”) на модниот дизајнер Пане Хаџи Василев е насловот на изложбата која беше отворена во Домот на култура.За овој свој опус Пане вели : "Моите дела го претставуваат концептот кој го развив по паузата што ја направив од мојата претходна изложба. Инспириран од патувањата, особено од живописната Шпанија, го искористив овој период за да создадам нешто ново, различно од моите претходни проекти. Како моден дизајнер, често се среќавам со жени кои се жалат на нивните телесни форми. Лично, како некој кој се стреми секогаш кон совршенство и ред, можам да се поврзам со тие чувства. Но, како уметник, оваа перспектива ми овозможи да ги искористам предностите на креативноста и да ги изразам тие несовршености на платното. Оваа изложба, сепак, е различна – тука нема место за совршенство. Тоа е израз на слободен стил, каде апстракцијата и современата уметност се спојуваат за да го претстават духовниот и физичкиот аспект на жената. Изложбата е исполнета со живописни бои, внимателно распоредени така што ниедна боја не е поставена веднаш до друга. Ако има жолта, таа не е соседна со друга жолта, туку со сосема различна боја. Овој специфичен распоред не се стреми да прикаже совршенство, туку да ја слави уникатната убавина која секоја жена ја носи — аспекти на женственоста, дури и во своите несовршености. Оваа изложба претставува современ поглед на тоа како недостатоците можат да се претворат во нешто исклучително и моќно, слободно од граници и правила."вели Хаџи Василев. За опусот на Пане зборуваше дирекорката Домот на култура Јулијана Туриманџова а на отварањето присуствуваа голем број граѓани.