Најиграната комедија на сите времиња, безвременската „Женидба“ на големиот руски автор Николај Васиљевич Гогољ многу скоро ќе биде поставена и на сцената на театарот при Домот на културата „Иван Мазов - Климе“.
„Подготовките за новата хит претстава на кавадаречкиот театар започнаа. Овој пат имаме двајца гости, и тоа Драган Вељановски кој ќе ја превземе режисерската улога, и познатиот македонски актер Ќире Андоновски кој ќе го надополни тимот од наши артисти, во кој се Александар Малинков, Диме Коцевски, Милица Гочевска, Љупчо Настов, Костадин Прокопов, Снежана Карова, Владанка Недева, Видан Станоев, Валентина Ѓорѓиева и Коле Колев“ - ни изјави Владимир Темков, директор на Домот на културата „Иван Мазов - Климе“.
Во продолжение од разговорот, Темков не ја крие радоста што и оваа есен кавадаречката публика ќе има можност да погледне нова театарска претстава на кавадаречкиот театар. „Заложбите кои ги имаме со градоначалникот Панов и Локалната самоуправа за заживување на кавадаречкиот театар веќе резултираат. „Женидба ќе биде втора премиера годинава, по и повеќе од успешната „Сомнително лице“, со што и во оваа културна есен ќе им овозможиме пред се на нашите сограѓани да уживаат во уште едно прекрасно театарско остварување“.
Се очекува претставата „Женидба“ премиерно да биде поставена некаде кон крајот на октомври.