МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

– Богатство од стимулативни содржини во сензорната соба на ООУ „Бајрам Шабани“ во Куманово, со која од денеска, секојдневно ќе се обезбедува педагошка поддршка за учениците со образовни тешкотии.

Оваа активност е спроведена како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија, и е пример за целосно вклучување на учениците со попреченост во образовните текови и придонесува кон подобрување на инклузивноста во образовниот процес во Северна Македонија.

Сузана Киранџиска извршна директорка на фондацијата „Чекор по чекор“, која го спроведува проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, истакна дека во изминатите 25 години фондацијата реализира активности кои го унапредуваат образовниот процес во земјата.

„Со отворање на 12-та сензорната соба од проектот „Биди ИН, биди инклузивен, биди инклудиран“ посакуваме успешен почеток на новата учебна година 2022/23. Фондацијата „Чекор по чекор“ во континуитет се заложува кон создавање програми кои го развиваат образованието со цел секое дете да има пристап до квалитетно образование. И во следниот период ќе продолжиме со активности кои се однесуваат на унапредување на образованието и на неговата инклузивност и пристапност, затоа што тоа е основно човеково право и сите ние треба заедно да предонесеме на секое дете да му дадеме можност за развивање на неговите потенцијали зашто секое дете треба да биде вклучено во образовниот процес“– вели Сузана Киранџиска извршна директорка на фондацијата „Чекор по чекор“.

Лулзим Алиу, Заменик министер за образование и наука истакна дека се преземаат сериозни чекори за подобрување на пристапноста и достапноста на образовниот систем за сите ученици, со посебен акцент на учениците со попреченост.

„Спроведувањето на инклузијата во образованието бара континуирани инвестиции како во инфраструктурата, дидактичките помагала и секако вложување во знаењата на наставниот кадар и стручните соработници. Образовната асистенција од минатата година е на буџетско финансирање, а годинава, бројката од 500 образовни асистенти во основното образование е зголемена на 720. Работиме и на подготовка на нов Закон за средно образование, со кој ќе се регулира поддршката на учениците со попреченост и во средните училишта. “ – истакна Алиу.

ООУ „Бајрам Шабани“ во Куманово има 1067 ученици, од кои 18 со попреченост, кои заедно со стручната служба ќе ја користат сензорната соба и ќе имаат можност преку индивидуална работа да ги развиваат своите потенцијали.

„Постоењето на инклузивните игралишта и сензорните соби во училиштата на нашата општина се пример за подобрување на инклузивните капацитети во образовните институции. Придобивките од нивното постоење се огромни, не само за учениците со и без пречки во развојот туку и за стручните служби и наставниот кадар кој добиваат алатки со кои можат да им пружат соодветни образовни услуги на децата. Доколку создаваме инклузивни заедници, постојано ќе ги подобруваме капацитетите за создавање инклузивна култура не само во училиштето, туку и во општината, и ќе продолжиме партнерски да работиме со приватниот сектор, за да може секое училиште да добие простор во кој децата ќе имаат еднакви можности за раст и развој“ – изјави Ивана Ѓорѓиевска, Претседателка на Совет на Општина Куманово.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“. Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука.

thumbnail (2) thumbnail (3) thumbnail (4) thumbnail (5) thumbnail (6)