ПРВА НОЌНА ПОЛУМАРАТОНСКА ТРКА ВО КАВАДАРЦИ
Во организација на „Меридијан атлетик еко клуб“, а под покровителство на општината Кавадарци, утре со почеток во 19:00 часот ќе се одржи првиот кавадаречки ноќен полумаратон.
Околу 250 атлетичари рекреативци од Македонија, Чешка, Полска, Србија и САД, ќе се натпреваруваат на патеката поставена по централните улици на Кавадарци.
Натпреварувачите ќе трчаат на 5, 10 и 21,097 километри.
Стартот и целта се на Градскиот плоштад, а патеката се движи по улиците: „Илинденска“-кружен тек кај автобуската- по булеварот „Моша Пијаде, каде се свртува на семафорите кај ООУ„Гоце Делчев“-назад до центарот, па по улицата „Тиквешко востание кад пред вториот триаголник се свртува назад се до целта.
Овој настан е прв од ваков вид, а желба на организаторите е тој да прерасне во убава спортска традиција на градот.