Општина Кавадарци продолжува со реализација на проектот за санирање на фасадите на колективните станбени згради во централното градско подрачје, кои се утврдени како објекти од значење за Кавадарци.
Деновиве привршува ревитализацијата на зградата позната како „Југопластика“. Ова е четвртата од вкупно 13 згради на кои ќе се врши интервенција за санирање на сачокот, замена на олуците, како и крпење и фарбање на фасадите.
Акцијата започна со зафат на дел од зградата на Домот на културата „Иван Мазов-Климе”. Потоа се работеше на зградите бр.51, и бр.53, на ул.„7-ми Септември“.
Во наредниот период ќе се продолжи со градежни работи на зградата бр.32 (стара Автобуска) на ул.„Илинденска“.
Со овие решенија значително се разубавува градскиот урбан лик на Кавадарци, кој не бил изменет над 50 години.