Од Кабинетот на Градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев соопштуваат дека 53 милиони денари општина Кавадарци ќе инвестира во капиталниот проект за подобрување на јавното улично осветлување. Деновиве преку оперативата на ангажираната фирма се поставува нова нисконапонска линија на ул. „Пионерска“, каде се врши вкопување на мрежата од јавното улично осветлување. Ова е само една од проектираните 17 локации во градот каде ќе се интервенира во подобрување на нисконапонската мрежа и сите останати елементи од уличното осветлување. Според проектот на сите 17 локации општината ќе постави вкупно 420 метални столбови со висина од 4 до 10 метри, како и штедливи ЛЕД светилки со различна јачина, меѓу 60 и 80 вати во зависност од потребите. Во новата мрежа ќе се вградат 12 000 метри нисконапонски кабел кој ќе биде вкопан во земја. Освен ова предвидена е и реконструкција на 800 постоечки светилки. Крајната цел на општината, преку овој капитален проект е да се формира и центар за мониторинг и управување со Јавното улично осветлување. Воедно на кабелските оператори и на ЕВН, им овозможува во рововите да постават нивни инсталации, со цел градските улици да бидат ослободени од воздушните водови и старите дрвени столбови.
м.д.