„ Ангажираната оператива на фирмата „Цвет компани“ од Скопје деновиве привршува со изградбата на минор коритото на делницата долга 680 метри со поставување на обработен камен. Со изградбата на оваа делница ќе се спојат кејот-шеталиште Ваташа со делот во Кавадарци кај мостот „Слога“. Архитектонски и овој дел од кејот шеталиште ќе биде иста како во градот, односно со минор корито од камен, и шеталиште на двата брега од кои левото ќе биде со павер елементи, а десното од фин бетон. Во завршната фаза ќе се постави урбана опрема и ново улично осветлување. Финансиската конструкција за овој проект изнесува 21.500.000 денари, парите се обезбедени преку Бирото за развој на Вардарскиот плански регион и буџетот на Општина Кавадарци. Со реализацијата на петтата фаза од изградбата на кејот-шеталиште, општина Кавадарци ќе регулира три километри од коритото на реката Луда Мара на потегот од улицата „Страшо Пинџур“ кај мостот Ваташа до мостот „Белка“ кај Булеварот „Видое Смилевски“.„-известуваат од Кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.