МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

ДА СЕ ПОТСЕТИМЕ НА НЕКОИ ПОДОБРИ ВРЕМИЊА ЗА КАВАДАРЕЧКИОТ ФУДБАЛ

На вчерашен ден,21 декември 1930 година значи пред точно 90 години од група на млади ентузијасти основан е ФК “Тиквеш“ од Кавадарци. На состанокот кој се одржал во ресторанот „Балкан“ за прв претседател бил избран Славчо Темков а Тодор Јанакиев бил избран за секретар. Во своите почетоци „Тиквеш“ беше во сенка на другите фудбалски клубови од Кавадарци како што се ФК „Занаетчиски“, ФК „Љубаш“ и ФК „Југославија“, но по Втората светска војна „Тиквеш“ се здоби со посебно реноме и стана најголемиот и најпознат фудбалски клуб од овој регион. Клубот првите значајни достигнувања ги направи во педесеттите години од минатиот век. Сезоната 1954/1955 беше успешна за „Тиквеш“ и покрај тоа што заврши на третото место на табелата во македонската Републичка лига, со исти бодови со „Победа“ Прилеп и само три поени помалку од „Металец“ Скопје. Благодарение на овој резултат „Тиквеш“ беше промовиран во четвртата југословенска зона или тогашна втора фудбалска лига во Југославија за првпат во своето постоење. Престојот на клубот во оваа зона беше краткотраен бидејки веднаш следната сезона заедно со „Работник“ Битола, „Борац“ Чачак и „Брегалница“ Штип испаднаа а таа сезона „Вардар“ Скопје ја освои лигата и беше промовиран во југословенската Прва лига. Во 1967/68 „Тиквеш“ заврши како второпласиран зад „Работнички“ Скопје во македонската лига, но исто така беше промовиран во југословенската Втора лига - Исток. Во сезоната 1968/1969 Тиквеш избегна испаѓање од југословенската Втора лига - Исток и заврши само еден бод пред „ЕИ Младост“ Ниш, обезбедувајќи опстанок на едно коло пред крајот на сезоната со добри резултати во серија. Ангел Кимов и Глигор Тотов тогаш дадоа 18 голови (Кимов 10 и Тотов 8), додека Миодраг Алексиќ кој беше позајмен играч од „Војводина“ Нови Сад постигна 6 голови. Најуспешниот период во историјата на клубот дојде во седумдесеттите години од минатиот век. Предводен од Ангел Кимов и под водство на тренерот Наќо Тотовски „Тиквеш“ конечно ја освои македонската Републичка лига во 1971/72. Hапаѓачкото дуо Кимов - Тотов тогаш постигна заедно 36 голови во текот на сезоната (Кимов 20 и Тотов 16) и му помогнаа на Тиквеш да ја освои својата прва титула во 42 годишното постоење и истовремено клубот да добие промоција во југословенската Втора лига - Исток. Тиквеш ја освои својата втора титула во 1977-78. Тогаш Ангел Кимов постигна импресивни 34 голови кои го направија најдобар стрелец во лигата. Во 1970-тите „Тиквеш“ играше во југословенската Втора лига неколку сезони, за последен пат во 1978/79 . Покрај Ангел Кимов други познати играчи кои го претставуваа Тиквеш во оваа златна ера се: Oрданчо Милков, Ангел Настев - Џанго, Никола Камчев, Благој Бошковски, Лазар Дамевски, Трајче Леов, Глигор Тотов, Ѓоко Ицев, Пане Недев, Ангел Леов, Цветко Кабрамов, Бранко Бошковски, Љупчо Ицев, Трајче Николов и др. По независноста во 1991 година „Тиквеш“ играше во македонската Прва лига, се до 2000/01. Тогаш Тиквеш за првпат испаднал од Првата лига. Се вратија веднаш следната сезона, освојувајќи ја Втора лига, но по второто испаѓање од Првата лига во 2003/04 клубот паднал во сериозни финансиски тешкотии. Во 2004/05, Тиквеш испаднал и од Втората лига и се пресели во Третата лига - Југ. Оваа година „Тиквеш“ настапува во втората лига исток и се наоѓа на второто место зад лидерот штипска „Брегалница“.

м.в.

194888888888888888888888888132042483_1530930547100111_1263303088765120211_o 19533333333333333333333333333333 17991117_246875655780410_8989535541303475925_n Gradski_-_North_Stand