Tурнирот ке се одржи во сабота и недела на 11 и 12 февруари
Екипите на минатогодишниот освојувач на турнирот, прилепска Победа, Борец, Металург и домаќинот, тимот на Тиквеш 1930 ќе се борат за шампионскиот наслов на осумнаесетото издание на меморијалниот турнир „Вуко Каров“ кој овој викенд ќе се оддржи на градскиот стадион во Кавадарци.
За разлика од лани, годинава турнирот ќе трае два дена, така што сите екипи ќе одиграат по два комплетни натпревари, што ќе им даде можност на тренерите да ги воочат позитивните и негативните страни во своите тимови, но и да им дадат шанса на што е можно повеќе играчи.
Според официјалниот распоред, свеченото отворање на турнирот е закажано за во 12 часот, по што ќе следи натпреварот помеѓу градскиот фудбалски клуб Тиквеш 1930 и Борец, а веднаш по него, односно во 14 часот ќе започне и вториот полуфинален дуел помеѓу Победа и Металург.
Победниците од двата полуфинални натпревари ќе се сретнат во финалето кое е закажано за во недела во 14 часот, по чие завршување ќе следи и церемонијата на доделување на пехарите, додека натпреварот за третото место е закажан за во 12 часот.