ПРОСЛАВА НА ,,СВЕТА ПЕТКА,, ВО ГОРНА ЕРГЕЛА ДЕМИР КАПИЈА
Христијанскиот празник летна Света Петка верниците го прославија организирано во природа кај изградената чешма Света Петка што се наоѓа на оддалеченост околу четири километри од градот во непосредна близина на месноста Горна Ергела.Прославата на овој празник започна најпрво со посета на црквата Света Богородица.По отслужената света божествена литургија, верниците допатуваа до ова свето место,а тука беа поставени маси и клупи за седење.Кој како пристигнуваше запали свеќи пред поставената икона на светицата Света Петка и се напија вода од чешмата посакувајќи од Света Петка здравје на своето семејство.
Топлото и сончево време овозможи овде да дојдат голем број верници од општината Демир Капија, а ги имаше и од општините Неготино,Градско и од Струмица.Меѓу бројните верници престојуваше градоначалникот на општината Демир Капија Трајче Димитриев,претседавачот на Советот Петар Мојсов и претставници од неколку јавни претпријатија од градот. Овде свештеникот Виктор Димовски ги отпеја погачите што ги донесоа ланските кумови, а по овој чин следуваше кршењето на погачите.
Меѓу верниците се говори дека многумина болни ширум нашава земја посетувајки го ова свето место и пиејки ја водата што тече од изградената чешма нашле лек и оздравиле.
П.П.