Се реализираат повеќе проекти во кавадаречкиот музеј, информираше денеска директорот на оваа културна установа Петре Камчевски
Тој појасни дека сите проекти се од програмата за национален интерес и поддржани од Министерството за култура на Република Македонија.
-Три од проектите се едукативни. Тие се од областа на археологијата, историјата на уметност и етнологијата. Се реализираат заедно со учениците од специјалната паралелка од основното училиште "Страшо Пинџур", соопшти Камчевски.
Тој додаде дека се изработуваат и четири кратки монографии за најважните настани од историјата на селата Барово, Дабниште, Чемерско и Рожден.
Камчевски го спомена и проектот за евидентирање и документирање на спомениците од НОБ и Илинденскиот период на територијата на општината Кавадарци.
Директорот на музејот ја најави и изложбата на Стефан Хаџи Николов за следната седмица.