Неопходно е секој од нас да биде посветен на државата,вели претседателот на државата
“Со внимание ги следам сите настани околу исполнувањата на политичкиот договор кој беше договорен од лидерите на најголемите политички партии и се надевам дека се ќе оди како што е предвидено и дека утрешната посета на Хан е само потврда дека стоиме до она што е договорено, за да можат сите политички актери да бидат одговорни за сето она што го презеле и да го реализираат. Затоа што роковите течат и договорот мора да се исполнува”.
Вака рече претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во Кавадарци, запрашан да ја оцени политичката состојба во земјава, спроведувањето на договорот од Пржино и во пресрет на утрешната посета на Хан во Македонија.
Запрашан како го оценува наредниот период, имајќи ја во предвид бегалската криза и она што се случуваше во Куманово минатиот месец, дали е оптимист за стабилизирање на состојбите, Иванов потсети на една своја изјава дека “Македонија е безбедна исто толку колку што се безбедни сите држави кои не опкружуваат”.
-Затоа што бегалската криза не е нешто што само нас не засега. Тоа од Северна Африка и Блискиот Исток многу луѓе се во потрага по среќа. Тие луѓе бегаат затоа што немаат каде да се заслонат, немаат домови. Затоа и целиот континет, цела Европа е ангажирана, сите институции, да се излезе во пресрет на тие луѓе. Затоа што, да појдеме од нас, нема во нашите семејства некој што не бил бегалец или не дошол од друг простор да живее на овој простор. И ако кон нашите претци така се однесуваме, зошто кон бегалците да го немаме истото чувство, дека тие луѓе сакаат едноставно да се спасат од сите оние конфликти што постојат во местата од кои што доаѓаат, рече тој.
Иванов нагласи исто така дека кризата веќе има судска завршница, случајот во Куманово обвинителите го истражија и во најскоро време тој ќе биде процесуиран во судот и ќе се знаат виновниците.
-Но, најважно е да се дознаат и мотивите. Да се дознае кој е оној кој го посакал тоа да ни се случи на сите ние кои живееме во Македонија. Но, таков е светот, гледате. Секоја вечер нешто се случува во светот. Останува ние да сме си посветени на државата, да си ја чуваме и секој од нас да придонесува кон стабилноста на државата, додаде Иванов.