МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Во петокот, на 15 септември 2017, во Кавадарци се одржа Манифестацијата “Кога Кавадарци свиреше Rock’N’Roll – 25 години од првиот Тиквеш Рок Фест“.

Манифестацијата, со сиот свој обем од три настани во еден ден, се одржа со целосна подршка на Министерството за култура на Република Македонија и тоа во рамките на “Нов културен бран 2017“.

Организацијата беше на Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, инаку оформено во 2012 година и познато како органзиатор на неколку алтернативни културни манифестации низ градот. Меѓу другото, организатор на шест изданија на Меморијалната манифестација “Денот кога се роди добриот човек“ посветена на еден од култните кавадаречки урбани ликови Дејан Костов Лиса и уште една Меморијална манифестација “Пријателите за Ристо“ (две изданија) посветена на еден од најпознатите кавадаречки и македонски ликовни уметници, кавадаречката легенда Ристо Соколов Сокол. “Алтер Центар“ сите овие манифестации ги организира на различни простори низ градот, откривајќи притоа нови и нови простори за културни и уметнички случувања, без воопшто да биде некаква конкуренција на официјалните институции во градот.

Да се вратиме на петочниот настан: На Манифестацијата “Кога Кавадарци свиреше Rock’N’Roll 2017“ се случија три настани. Се започна со мастер класот по бас гитара и контрабас на дипломираниот џез контрабасист Петре Ангелов Фиш, инаку музичар кому му се блиски и рокот и блузот, а особено џез музиката. Мастер класот помина со одличен џез концерт во времетраење од 45 минути, во кој беше објаснета на вистински начин структурата на џез композициите, на сцена, во живо.

Трибината за рок музиката, како втор настан, помина тивко, колегијално и пријателски, со учество на рок музичари од повеќе генерации, кои и не сакаа да се експонираат јавно, туку проблемите , ако ги има, да ги решат меѓу себе. И навистина, малку им требаше со оглед на тоа што подршката на официјалните градски и државни институции е минимална, да заклучат дека оваа успешна Манифестација е само прв чекор, а со подршка на Министерството за култура на РМ, за натамошно реализирање на поголеми настани на кои освен реномираните рок музичари, свое место ќе најдат и младите, на кои сепак стои иднината на кавадаречката рок музика и урбано живеење.

Третиот дел од Манифестацијата е всушност доказот дека рок музиката во Кавадарци има свои фанови и подржувачи и особено што Рок концертот со моментално првата лига на кавадаречката рок музика покажа дека ваквите настани и во периодот кој следува се потребни, а “Алтер Центар“ организациски го издржа и подржа, па од ова Здружение во иднина може да очекуваме Кавадарци, не само да го врати на мапата на концертните случувања во државата, туку да го однесе и на врвот на концертните случувања во Македонија. Рок концертот извонредно и жестоко го одработија “Лексикон“, “Бадасал“ и “Смоук Шејкерс“. И на крај, Манифестацијата “Кога Кавадарци свиреше Rock’N’Roll 2017” со присутните над 400 души публика, без никаков инцидент, во поранешното мало полициско паркче, денес “Паркот на револуцијата“, покажа дека Кавадарци може да свири рокенрол и за тоа никој во градот да нема пробелеми.

Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, се заблагодарува на несебичната подршка на Министерството за култура на Република Македонија, но и на кавадаречкиот Дом на култура за техничката подршка, како и на општина Кавадарци, односно на граѓаните на општина Кавадарци кои го одстапија просторот за одржување на оваа Манифестација.

Марјан Тодоровски