На прес конференција денеска кандидатот за градоначалник на СДСМ Бетијан Китев ги презентираше петте клучни проекти за Кавадарци
„Напредокот на Кавадарци и подобрувањето на животот на сите граѓани на Кавадарци, отсекогаш ми биле примарна цел во мојата политичка кариера. Токму со таа цел да придонесам за подобрување на животот во Кавадарци, ја прифатив кандидатурата за градоначалник на Кавадарци. Силно верувам дека Кавадарци, со напорна и посветена работа, но и со искрени и некорумпирани луѓе на чело на општината, може да стане еден од најразвиените градови во Македонија.
На нашиот град му се потребни промени. На Кавадарци му треба подобра инфраструктура, посредени улици и патишта, нови градинки, спортски терени, гасифиикација; На граѓаните на Кавадарци им е неопходен чист воздух; За младите мора да отвориме нови можности и повисоки плати со цел да не ни заминуваат во странство , И секако на сите граѓани им е потребна отворена и услужна општина.
Денес, на првиот ден од кампањата, би сакал пред вас граѓаните да ги набројам 5-те клучни проекти кои ќе бидат приоритет на новата локална власт и на мене како градоначалник.
Под број еден, во соработка со Владата, целосно ќе го гасифицираме Кавадарци. Граѓаните и фирмите ќе плаќаат поефтини сметки за електрична енергија и до 50%. Под два, ќе изградиме затворен пазар со подземен паркинг простор. Пазарџиите и граѓаните повеќе нема да мрзнат зимно време на отворено. Под три, во Кавадарци ќе изградиме нова детска градинка! Родителите повеќе нема да имаат грижи каде би биле згрижени нивните деца додека тие се на работа. Под четири, целосно ќе ги реконструираме главните улиците и булевари во Кавадарци, и ќе го замениме асфалтот на сите оштетени улици во градот. Исто така, планираме и изградба на три нови кружни текови. И под пет, планираме да го комплетираме колекторскиот систем на реката Луда мара до селото Марена.
Почитувани сограѓани, заедно здружени може да направиме многу за нашиот град! Затоа ве повикувам да се придружите на нашиот тим. Нашата цел е заедничка! Враќање на животот во Кавадарци!“, рече кандидатот за градоначалник на СДСМ-Бетијан Китев.