МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Страшо Пинџур е роден во кавадаречкото село Ваташа на 5 март 1915 година.

По смртта на татко му, кој загинал во почетокот на Првата светска војна, во борбите кај Криволак, мајка му се премажила во Неготино, а грижата за него ја презела баба му Наца. Основното училиште го завршил во Ваташа, а нижа гимназија во Кавадарци. Потоа, образованието го продолжил во Крагуевац, а во Белград студирал право. Во Белград се вклучил во револуционерното движење и во 1934 година се зачленил во КПЈ.Страшо Пинџур со студенти, членови на друштвото “Вардар“ 1936 година

Како напреден студент, активно се вклучува во друштвото на напредните македонски студенти „Вардар“, а станува и член на Акциониот студентски одбор. Во текот на 1938 г. се обидува да се префрли во Шпанија и да се бори заедно со Интернационалните бригади. Тој доаѓа до Прага, но не успева да фати врска и да се враќа во Белград, поради неговата активност бил привиден во полицијата во мај 1938 и спроведен во Истражниот затвор во Ада Циганлија.Во летото 1939 година. во Кавадарци, по негова иницијатива, заедно со Ристо Михов и Ѓошо Бојаџиев, ја обновуваат работата на Комунистичката партија. По завршувањето на Правниот факултет неговата активност како револуционер уште повеќе се зголемува. Бил будно следен од полицијата и повторно е уапсен во истиот затвор. Пред самата окупација, Страшо бил пуштен на слобода. По окупацијата на Македонија, Страшо Пинџур станал член на Покраинскиот комитет како инструктор, а од јуни 1942 г. бил член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ.

Есента 1942 година бил разбиен Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Страшо Пинџур, заедно со Мирче Ацев, дошол во Велес да ја консолидираат работата на партиската организацијата. На 19 декември 1942 г., тие биле провалени во куќата на Јован Митрев и биле спроведени во Обласната полициска управа во Скопје. Потоа, двајцата биле подложени на невидени инквизициони мерки со цел да ги извлечат бараните информации од нив. Мирче не проговорил ниту збор, а Страшо извикал: „Ѕверови! Јас сум Страшо Пинџур! Доста е тоа за вас!“.

На 4 јануари 1943 г., во просториите на Скопскиот областен затвор, како последица на силните измачувања, умрел Страшо Пинџур. Истата вечер, неговото тело било однесено во непознат правец и закопано на тајно место, така што до ден-денес не се знае неговиот гроб. На тој начин се остварило претскажувањето од неговиот дневник, кој го водел во 1933 г., каде тој запишал: „Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае“.

За неговата активност во организирањето на македонскиот народ за борба против фашистичкиот окупатор, како и за неговото храбро и достоинствено движење во затворот, Страшо бил прогласен за еден од првите народни херои во Македонија.

Во родното село Ваташа е зачувана спомен-куќата на Страшо Пинџур, во која, во 1976 г. е поставена постојана изложба на експонати поврзани со неговиот живот. Куќата ја реновира Локалната самоуправа Кавадарци во 2012 година